• среда, 18 декември 2024

Ковачевски: Односите со ДУИ се исклучително коректни

Ковачевски: Односите со ДУИ се исклучително коректни
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Односите со ДУИ можам да ги оценам како исклучително коректни, рече вечерва премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Ковачевски додава дека има особено продуктиви и професионални релации со министрите од оваа партија во Владата. Премиерот смета дека е рано да се зборува за евентуален заеднички изборен настап со ДУИ на следните избори бидејќи очекува дека ќе се одржат во 2024 година. - Можам да кажам дека ДУИ во Владата има квалитетни министри и дури сега во оваа криза, со оглед на ресорите што ги покрива ДУИ, а кои се најмногу изложени на справување со кризата, сметам дека министрите кои ДУИ ги има предложено се навистина квалитетни, рече Ковачевски. Во моментов, како што рече тој, треба да се стави фокус на остварување на програмата на Владата, преку одблокирање на Собранието и учество во обврските кои како држава ги имаме во однос на што побрзо зачленување во Европската Унија. Премиерот Ковачевски рече дека не само владејачката коалиција, туку сите општествени чинители сега треба да помогнат во справување со економската и енергетската криза, со носење закони во Собранието, учество во скрининг процесот, уставните измени, само така сите би придонеле за побрзо членство на Северна Македонија во ЕУ. - Она на што треба да се фокусираме во моментов е остварување на програмата на Владата. Но, пред сè сите заедно во општеството, тука не мислам само на владејачката коалиција, која што докажа дека сака да ја види Северна Македонија во ЕУ, туку и сите други кои треба да помогнат, во борбата со оваа енергетска и економска криза со која се соочуваме, преку одблокирање на Собранието и учество во обврските коишто како држава ги имаме во однос на што побрзо зачленување во ЕУ. Тука пред сè мислам на учество во скрининг процесот, на учество во уставните измени кои ни престојат, на учество и понатаму на измена на одредени законски решенија кои нема да бидат едноставни, рече Ковачевски. Осврнувајќи се на функционирањето на владината коалиција, Ковачевски истакна дека односите во државата и во Владата се насочени кон остварување на визијата за европска Македонија. Премиерот посочи дека начинот на соработка е начин на остварување на заедничката цел. - Целта сега е справување со енергетската и економската криза, имаме антикризни мерки од 760 милиони евра за најранливите категории на граѓани, за стопанството, за одржување на ликвидноста, за субвенционирање на електричната енергија. Тоа значи дека тие работат кон остварување на целта, изјави Ковачевски. мс/аа/    

Остани поврзан