• среда, 18 декември 2024

Ковачевски: Не знам чија креација е Палевски, но видете кој заедно со него сакаше да влезе во зградата на Владата и ми правеше гилотина

Ковачевски: Не знам чија креација е Палевски, но видете кој заедно со него сакаше да влезе во зградата на Владата и ми правеше гилотина

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски во вечерашното интервју за „360 степени“ ги отфрли обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека „власта на СДСМ, водена од партиски интереси, негувала монструозен лик како (Љупчо) Палевски (Палчо), кој прераснал во Франкенштајн“.

- Јас не знам чија креација е Палевски, меѓутоа едно ќе кажам. Ако Палевски е нечиј тогаш е на тие што цела година го организираа, кога мене ми се правеше гилотина. Кој ми правеше јавно судење минатата година тука пред Влада? Кој организираше фрлање молотови коктели врз Министерството за надворешни работи? Кој ја организираше толпата којашто сакаше да влезе во зградата на Владата при усвојувањето на европскиот предлог? Кои луѓе беа таму, се сеќавате? Се сеќавате дека таму беше и тој Палевски што го спомнувате и претседателот на Левица и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, и претставници на медиуми, и еден член на Државна комисија за спречување на дискриминација. Се сеќавате дека јас неколкупати укажував дека има странски агентури коишто го финансираат тоа, а за тоа ќе треба да направите интервју со други лица, не со мене. На пример, со претставници на безбедносни органи. И ако е нечиј тој Палевски, тогаш е на тие коишто цела година тоа го организираа, изјави Ковачевски.

На прашање зошто Палевски не е санкциониран иако, во серијата кривични и прекршочни дела, во мај годинава е фатен како носи пиштол за којшто немал дозвола, Ковачевски вели дека тоа се прашања за истражните и правосудните органи. Посочи и дека „истата таа група“ правела монтирани видеа на „Тик-ток“ и од неговата малолетна ќерка, а праша и што правеле на состаноци со Палевски минатата година поранешен претседател на ЛДП и генералниот секретар на Демократски сојуз.

- Што правел бившиот претседател на Либерално-демократска партија на состаноци со Љупчо Палевски? Што правел генералниот секретар на Демократски сојуз на состаноци со Љупчо Палевски, минатата година? Што правеле на состаноци, за што разговарале… Јас го имам прашано претседателот на Франција, (Мануел) Макрон – дали знае во неговата амбасада во Скопје, какви луѓе се примаат на разговори, рече премиерот Ковачевски.

Во однос на коментарите на опозицијата дека имало доцнење во истрагата за двојнотомубиство, премиерот Ковачевски посочи дека јавноста била известена за текот на истрагата, надежните институции професионално ја извршиле нивната должност. 

- Значи, сето она што требаше да биде споделено како факт и како факти го направи МВР и Јавното обвинителство. И вие самите бевте сведоци и целата македонска јавност за деталите во коишто и министерот и обвинителот објаснија за информациите коишто ги имаат добиено во текот на истрагата и за се она што беше направено со цел на идентификување на местото каде што се наоѓа и последното лице коешто, практично, според она што го кажуваат е организатор и извршител на овој грозоморен чин. А Министерството за правда веќе информираше дека ги подготвува сите потребни документи за правење на најбрза можна екстрадиција од Турција во Македонија, рече Ковачевски.

Поосчи дека ВМРО-ДПМНЕ и други политички партии „сакаат овој грозоморен чин да го искористат за политички цели како што тоа го правеле и со другите во минатото“.

- Сметам дека е апсолутно несоодветно, дека на таков начин се нанесува штета и на истрагата меѓутоа и на семејствата на трагично починатите. И, како што кажав и денес на прес-конференцијата доколку било кој, вклучително и претседатели на политички партии имаат било какви информации во однос на случајот и во однос на истрагата треба веднаш да ги споделат со Обвинителството бидејќи во спротивно прикривање на докази е кривично дело, истакна премиерот Ковачевски во интервјуто за „360 степени“.са/вг/

Фото: 360 степени

 

Остани поврзан