• петок, 27 декември 2024

Ковачевски на третиот Самит на Европската политичка заедница во Гранада 

Ковачевски на третиот Самит на Европската политичка заедница во Гранада 

Гранада, 4 октомври 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски утре во Гранада, Шпанија, ќе учествува на третиот Самит на Европската политичка заедница, заедно со лидери од вкупно 47 земји, од кои 27 земји-членки на Европската Унија, земји од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азејберџан, Грузија, Турција и Украина.

На Самитот, како што е најавено, ќе учествуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претсадателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. 

Програмата на Самитот содржи пленарна сесија и дискусии на тркалезни маси поврзани со актуелни прашања за иднината на Европа.

Ковачевски ќе учествува на пленарна сесија на Самитот, а потоа со лидерите на Шведска, Франција, Обединетото Кралство, Италија, Хрватска, Лихтенштајн,  Бугарија и Албанија, како и Европската комисија и Европскиот Парламент ќе учествува на тркалезната маса посветена на дигиталната транзиција и вештачката интелигенција.

Во рамки на третиот Самит на Европската политичка заедница, предвидено е премиерот Ковачевски да оствари и билатерални средби со премиерот на Холандија, Марк Руте и со премиерот на Ирска, Лео Варадкар. 

Европската политичка заедница е платформа за политичка координација за европските земји ширум континентот, чија цел е да ги собере лидерите од европските земји во духот на еднаквоста и единството  два пати годишно. Првиот самит на Европската политичка заедница се одржа во Прага во октомври 2022 година, по што во јуни годинава, следуваше Самит во Кишињев, Молдавија. 

За време на посетата на Гранада, премиерот Ковачевски ќе биде придружуван од сопругата Елена Ковачевска, која, како што е најавено, ќе има повеќе активности, а ќе го придружува премиерот Ковачевски на свечената вечера организирана од Кралот и Кралицата на Шпанија. аа/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан