• среда, 27 ноември 2024

Ковачевски на Колумбија универзитетот: Диверзификацијата на изворите за снабдување со енергенти клучна за енергетската независност

Ковачевски на Колумбија универзитетот: Диверзификацијата на изворите за снабдување со енергенти клучна за енергетската независност
Скопје, 22 септември 2022
Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на предавањето на Колумбија Универзитетот во дискусија со студентите одговори на прашањето за инвестициите во енергетиката.
„Започнавме стратешки проекти во државата за градење фотоволтаици. Основен капацитетот кој што ни е потребен во државата е 1,5 гигавати основна енергија, во овој момент ни недостигаат 30%, тоа би било да речеме 500 гигавати. Тој простор сакаме да го пополниме со фотоволтаици и со ветерни турбини, правиме стратешки договори само со германски, американски и француски компании, и тие одат директно во Собранието поради стратешката ориентација на државата. Но, овие извори кои што ви ги спомнав нема да ја дадат основната енергија, тие обично доаѓаат од 24/7 извори и затоа дискутираме за ко-геративни електрани со гас кои што требат да се изградат на територијата на Северна Македонија и хидроелектрични централи кои што ќе се изградат токму со државите кои што ни се стратешки партнери", рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски додаде дека регионалната поврзаност е од голема важност при изградба на енергетските капацитети.
„Кога градите основна енергетика не ја градите само за една земја, затоа што ние сме мали држави, тоа треба да бидат регионални проекти и затоа се здружуваме со Грција, со Албанија, со цел да ги изградиме овие основни постројки за енергетика од половина гигават.
Наскоро ќе видите ако ги следите политиките на Европа дека ќе најавуваме проект заедно со премиерот Мицотакис и Премиерот на Бугарија. Второ, во поглед на гасот, не сакаме да се потпираме само на рускиот гас, затоа веќе резервиравме капацитети во Александруполи во Грција каде што ќе има терминал за течен природен гас и ние како земја ќе имаме удел. Веќе започнавме со новиот гасовод кој што ќе оди од југ кон север, од Солун кон Северна Македонија, а веројатно ќе се поврзат и Косово, Србија, Романија, и тоа ќе не снабдува со течен природен гас.
Со овој интерконектор ќе може да се приклучиме на транс-атлантскиот гасовод и ќе добиваме гас од Азербејџан, затоа што нивниот гас е секогаш поевтин и секогаш е посигурен. Практично, ова е  диверзификацијата на изворите во снабдувањето", рече Ковачевски.
Прес-служба на Влада
_______________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан