• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски: Листата за санкции не беше тема на средбата со Шоле

Ковачевски: Листата за санкции не беше тема на средбата со Шоле

Скопје, 11 јануари 2023 (МИА) – Листата за санкции или т.н. „Црна листа“ не била тема на средбата утрово во Владата со советникот на Стејт департментот Дерек Шоле. Се разговарало за енергетската безбедност, справувањето со економската криза, претседавањето со ОБСЕ, евроинтеграциите и борбата со корупцијата и владеењето на правото, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој на новинарско прашање по посетатата на компанијата „Пекабеско“, појасни дека тоа е активност која што ја спроведуваат САД во рамки на нивната Стратегија за борба против корупцијата објавена од страна на американскиот претседател, во која се точно наведени активностите коишто се преземаат во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата како во САД така и во држави коишто се нивни партнери, како што е и Северна Македонија.

-Ние сме земја партнер на САД и таа црна листа, односно листа за санкции е насочена токму кон лица коишто работат спротивно на практиките на добро владеење, меѓутоа и коишто го попречуваат патот кон целосно демократско општество во државите партнери на САД, а кај нас се однесува на интеграција во ЕУ, владеењето на правото и целосното владеење на демократијата во државата. Американските истражители беа во државава, меѓутоа нивната работа предвид ја имаат американските органи со коишто ние сме практично во партнерски односи и со кои имаме стратешки дијалог, подвлече Ковачевски.

Премиерот истакна дека ова не е негова прва средба со високиот претставник од Вашингтон којшто денес беше во Скопје, но оцени, дека е навистина значајна бидејќи доаѓа во еден клучен момент за регионот, меѓутоа воопшто и за Европа со оглед на војната која што се води во Украина и со оглед на тоа дека ние сме држава која претседава со ОБСЕ. 

Во конетекст на борбата против корупцијата и владеењето на правото, било разговарано за напредокот кој што е направен во изминатите години и на предизвиците за државата да ја оствари целта за врвно владеење на правото на ниво на ЕУ како аспирант за членство во Унијата во 2030 година.

-Ние сме држава која што има стратешки договор и стратешки дијалог со САД и во рамките на тој стратешки дијалог, за кој следниот состанок ќе се одржи во првата половина на оваа година, исто така ќе бидат присутни и овие теми коишто се во делот на унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Разговаравме за напредокот којшто е направен во овој дел во текот на изминатата година и изминатите години со напредувањето на државата на меѓународните рангирања во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, но и на се она што претстои пред нас со цел да може да имаме врвно владеење на правото, како што го имаат земјите од ЕУ, каде што впрочем и ние ќе станеме членка еден ден. Планот е тоа да биде до 2030 година, рече премиерот Ковачевски.  

Со Шоле разговараче и за европскиот пат на државата, за големото значење на политичката стабилност во земјава и на спроведувањето на сите реформи, носењето на одлуки коишто значат интегрирање на државата во ЕУ и за уставните измени.  

-Секако дека разговаравме и за уставните измени со оглед на тоа дека уставните измени се една од одлуките која што ќе треба да биде донесена до полноправното членство на државата во ЕУ. САД од самиот почеток на нашата независност, значи веќе 31 година се наш стратешки партнер и секогаш сме имале поддршка од нив при носењето на сите вакви одлуки. Така беше и со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, така беше со зачленувањето во НАТО, така е и со непреченото одвивање на преговорите со ЕУ, потенцира Ковачевски.  

Меѓу клучните теми на кои што разговарале со советникот на Стејт депртаментот е и справувањето со економската и енергетската криза во текот на носењето на сите мерки, меѓутоа и во текот на обезбедувањето на се што е потребно за непречено снабдување со електрична енергија со субвенционирани цели, за што вели, имавме голема помош од САД и конкретно од г. Шоле.  

-Продолжуваме и понатаму со таа соработка, меѓутоа и со сите мерки коишто се предвидени во Буџетот за 2023 година, како и со активностите за енергетска трансформација и за енергетското осамостојување на Северна Македонија, која што во изминатите 30 години не било на маса на политичарите во државата, рече претседателот на Владата.  

За претседавањето со ОБСЕ каде што, вели, ние имаме исклучително значајна улога како земја која што претседава и тоа во исклучително сложени услови во Европа, а високо на агендата на нашето претседавање ќе биде војната во Украина. Тој најави дека по претставувањето на нашите приоритети оваа недела во Виена од страна на шефот на дипломатијата и неговата посета на Киев и тој ќе ќе оди во прва посета на Украина, во наредните 30 дена на средба со претседателот Зеленски. вг/ац/

Остани поврзан