• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски - Лирман: Интеграцијата на Северна Македонија е политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ

Ковачевски - Лирман: Интеграцијата на Северна Македонија е политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ
Скопје, 17 јануари 2022 (МИА) - Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска ја прими министерката за Европа и клима на Сојузна Република Германија Ана Лирман. Тој изрази задоволство што на неговиот прв работен ден како премиер има средба со претставничка на Владата на земја која е докажан пријател, искрен и силен поддржувач на европските интеграции на Република Северна Македонија. Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот со министерката Ана Лирман, на кој присуствуваше и министерот Бојан Маричиќ, Ковачевски изрази благодарност што новата влада на СР Германија, предводена од канцеларот Олаф Шолц, го стави проширувањето на ЕУ со Западен Балкан високо на нејзината коалициона програма и особено што експлицитно ја нагласи потребата без натамошно одложување да се отворат првите преговарачки поглавја со Северна Македонија и Албанија како следен чекор на проширувањето на ЕУ кон регионот. Ковачевски на средбата истакнал дека Република Северна Македонија, како земја кандидат за членка на ЕУ е веќе сериозно интегрирана со главните политики на Брисел, особено во Зелената агенда која што беше еден од приоритетите на Берлинскиот процес и тоа токму за време на копретседавањето со процесот од страна на Република Бугарија и Република Северна Македонија кога регионалната соработка го постигна највисокото ниво како еден од најважните приоритети на овој процес спонзориран од Берлин. На средбата била потцртана економската соработка со СР Германија, со која како земја од која доаѓаат најголемите инвестиции, во иднина посебно внимание ќе биде посветено на проекти од обновливи извори на енергија. Во разговорот со министерката за Европа Лирман, премиерот Ковачевски потенцирал дека новоизбраната Влада на Северна Македонија е посветена да продолжи да чекори по реформскиот пат за членство во ЕУ и решително да презема активности во клучните области како што се владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал. - Ковачевски истакна дека на утрешната посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков гледа како на исчекор за изнаоѓање заемно прифатливо решение со Софија во духот на добрососедските односи за да се деблокира постапката за утврдување датум за одржување на Меѓувладината конференција со ЕУ како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Премиерот Ковачевски и министерката Лирман се согласија дека целосната интеграција на Западен Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција за стабилна и просперитетна Европа, се вели во соопштението. мс/са/

Остани поврзан