• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски: Коридорот 8 е камен-темелник и на нови инвестиции

Ковачевски: Коридорот 8 е камен-темелник и на нови инвестиции

Тетово, 4 април 2023 (МИА) – Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции – отворање на нови пазари, можности за нови соработки како помеѓу домашните така и со меѓународните компании, порача премиерот Димитар Ковачевски на означувањето на почетокот на градбата на автопатската делница од Тетово до Гостивар, која е дел од Коридорот 8.  

Изградбата на Коридорот 8, посочи, значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија како и економски и регионален развој на земјата.  Значи и поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред се, безбедни и сигурни патишта за граѓаните.  

-Денешниот настан е почеток на сериозен и стратешки и државнички подвиг чија придобивка и благодет ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земја, но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад кои ги поврзува Коридорот 8 и на сите кои ќе минуваат низ него. Со геостратешката позиција и Коридор 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот, така и пошироко, рече Ковачевски во поздравниот говор.  

Денеска, нагласи, започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридорот 8.

-Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можности за нови бизниси и за економски развој, нови бензински пумпи, нови хотели, нови ресторани, нови деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој.  Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел на земјата, туку и за регионален развој  на целата држава, потенцира Ковачевски.  

Коридорот 8 и Коридорот 10 д, додаде, се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор.

-Вредноста на договорот за изградба на Коридорот 8 и 10 д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од 110 километри. Вакво нешто никогаш во историјата на нашата држава не било направено. До денес овие два коридора биле само план на хартија кој никогаш не бил реализиран од најразлични причини. Денес тоа се менува и започнува нивната реализација.  За првпат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа – Драч и Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој Коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот. Тоа е нашата иднина, порача Ковачевски.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој е и претседател на Комитетот за изградбата на Коридорот 8 се заблагодари на сите вклучени во процесот за реализација на проектот, а особено на сегашната и поранешната амбасадорка на САД во земјава, Анџела Агелер и Кејт Мари Брнз, и на пратениците кои го изгласаа специјалниот Закон за изградба на коридорот.

-Денеска сакам да ви се заблагодарам. Да почнам од премиерот Ковачевски за целата негова поддршка на проектот, но исто така не би сакал да го заборавам и поранешниот премиер Заев за поддршката која што ја даде на овој проект. Навистина сум многу горд што конзорциумот предводен од „Бехтел и Енка“ ќе ги гради Коридорот 8 и 10 д и што со нив одбележуваме еден голем настан во градежништвото во земјата, рече Груби.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети посочи дека Коридорот 8 ќе го подобри животот на граѓаните и ќе им го олесни нивото движење. Со него, како што кажа, се поставуваат мостови помеѓу целиот Балкан.

-Изградбата на Коридорот 8 е многу благодарна работа што ќе послужи директно за поцврсти односи меѓу жителите и економиите на земјите во регионот, рече Ахмети.

Американската амбасадорка Анџела Агелер истакна дека денеска е посебен ден за Северна Македонија за Западен Балкан и за цела Европа, но е и многу голем ден и за САД и за американскиот бизнис, тука во Северна Македонија.

- Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и на сите земји поврзани со Коридорот 8 и пошироко. Подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од исклучително значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, да се движат стоките и да се привлечат инвестиции. Добрите транспортни рути како Коридор 8 ќе и помогнат на Северна Македонија да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи, рече Агелер.

Изрази уверување дека работите ќе се движат брзо и успешно при изградбата на оваа, како што кажа, современа патна мрежа.

Шон Кени од конзорциумот „Бехтел и Енка“ се заблагодари за дадената доверба за изградба овој значаен инфраструктурен проект.

-Испорачуваме резултати за нашите клиенти. Имаме долга историја на успешно завршени автопати на Балканот. Ова партнерство високо го вреднува целиот проект и ќе ги користиме локалните добавувачи, ќе обезбедиме вработување на локалното население, како и долгорочно снабдување на градежни работници коишто ќе ни бидат достапни и за идните градежни потфати, рече Кени.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски посочи дека со изградбата на овој  најголем капитален инфрастуруктурен проект досега во земјава ја испишуваме историјата  како модерна и европска земја.

-Денеска ја испишуваме историјата на модерна просперитетна и европска Македонија. Ова е момент кој долго го очекувавме, но овој камен-темелник е доказ за посветената работа на институциите, за координацијата, за силната посветеност да се избориме и да започнеме со реализација на предизвикувачки најголемиот капитален инфраструктурен проект досега. Денеска даваме јасно до знаење на сите – инфраструктурата е најголемиот приоритет на оваа Влада и на Република Северна Македонија, рече Бочварски.

Оттука, додаде, започнуваме со изградба и модернизација на Коридорите 8 и 10 д, нови автопатски делници во вкупна должина од 110 километри.

- Оваа година е година на инфраструктурата. Инвестираме преку една милијарда евра во изградба на нови патишта, но градиме и нови експресни патишта, но и нова пруга кон исток. Денеска најавуваме старт на изградбата на првата од четирите автопатски делници Тетово – Гостивар со должина од 17,5 километри, а веќе следната недела ќе ја најавиме изградбата на делницата Прилеп – Битола од Коридорот 10 д. Истиот месец стартуваат и градежните работи на делницата Гостивар – Букојчани во должина од 30,3 километри, а според договорот предвидовме изградба на делницата Требениште – Струга – Ќафасан во должина од 21,7 километри која што исто така ќе започне во тек на оваа година, посочи Бочварски.  

Сите сме свесни, потенцира, дека нема да биде лесна оваа работа.

-Ни претстојат огромни предизвици бидејќи градежништвото секогаш е неизвесно на терен. Но, сакам да ве уверам дека максимално сме фокусирани на изградбата на проектите на Коридорите 8 и 10 д, а коридорите во Северна Македонија се од витално значење и за Западниот Балкан и заради тоа имаме поддршка и од нашите стратешки партнери, рече Бочварски.  

Очекува добро менаџирање на проектот и, како што рече, верува дека компанијата изведувач како светски реномирана компанија ќе покаже силна акција, модерни методи и технологии на терен, а тоа е предуслов за зајакнување на капацитетите и на домашните градежни компании.

-Неопходна е брза, ефикасна изградба на патната инфраструктура. Само така ќе имаме силна држава, силни региони и градови, развој на економија која чекори и граби напред.  Убеден сум дека ваквата реномирана компанија како „Бехтел и Енка“ дека може да ги изгради сите најкомплексни проекти преку најнепристапниот терен. Е тогаш кога ќе бидат завршени овие патишта и овие коридори ќе имаме развиена економија, безбедни патишта и граѓани коишто ќе бидат задоволни во нашата држава, порача Бочварски.  

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари посочи дека денеска почнува реализацијата на една од најголемите капитални инвестиции.

-Една држава е развиена колку што има развиени патишта. Коридорот 8 не ги поврзува само градовите, туку и државите и затоа е една од најголемите инвестиции во земјава. Веруваме дека „Бехтел и Енка“ ќе ги изградат и што поскоро ќе уживаме по овој пат по кој дневно поминуваат по околу 12 илјади автомобили, рече Таравари.

Директорот на ЈП за Државни патишта Ејуп Рустеми порача дека Римјаните овој пат го нарекувале „Виа Игнација“ и го ценеле уште многу одамна.

-Денеска ние го реализираме овој историски проект со вкупна должина од 110 километри што треба да биде готов за четири години и шест месеци и да овозможи земјава да биде вистински крстопат на Балканот. Денеска е важен ден за сите нас. Ако пред 30 години од Тетово до Тирана патувавме за 12 до 14 часа, денеска овој пат ќе го изодиме за четири или пет часа. По изградбата на овој автопат ќе се патува само два часа. Ова е предноста на овој капитален проект кој ќе овозможи поголем економски развој, рече Рустеми.вј/ас/

Фото: Влада

 

Остани поврзан