• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски - Калас: Естонија со силна поддршка за забрзување на европскиот пат за Северна Македонија

Ковачевски - Калас: Естонија со силна поддршка за забрзување на европскиот пат за Северна Македонија

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Талин, се сретнал со премиерката на Естонија, Каја Калас, на која присуствувал и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

Оваа средба, информираа од владината прес-служба, е дел од агендата на премиерот Ковачевски во рамки на учеството на Талинскиот дигитален Самит 2023, кој воедно беше и меѓу темите на разговор на билатералната средба.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало за блиските и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Естонија, кои и како земји сојузнички во Алијансата, ги продлабочуваат преку постојан политички дијалог. Премиерот Ковачевски се заблагодарил за естонската поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и за директната поддршка во полето на сајбер безбедноста и дигитализацијата.

- Премиерот Ковачевски ја запозна премиерката Калас со статусот во нашата евроинтеграција и претстојните чекори кои земјата треба да ги направи на тој пат. Заемно беше констатирана важноста од забрзување на процесот на приближување како на Северна Македонија, така и на другите земји од регионот кон ЕУ, во светло на новата геополитичка реалност предизвикана од воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Како непосреден сосед на Русија, денес повеќе од кога било, Естонија ја истакнува и разбира важноста и силата на трансатлантската врска и европската солидарност, и посакува Северна Македонија што побрзо се најде на истата европска маса заедно со Естонија и другите земји членки на ЕУ. Во таа насока, Калас истакна дека Естонија ќе продолжи со својата гласна и силна поддршка за забрзување на македонскиот пат кон ЕУ и активно да делува со другите земји членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето, стои во соопштението од владината прес-служба.  

Премиерката Калас исто така го поздравила и одговорниот став на Северна Македонија кон Украина и се заблагодарила за поддршката која земјата досега ја има дадено.

- Приклучувањето кон одлуките на ЕУ и целосната координација во однос на санкциите и рестриктивните мерки говорат за ориентацијата на земјата и насоката која Естонија силно ја поддржува, информираат од Владата.  

На средбата се разговарало и за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Претседателот на Владата Ковачевски се заблагодарил за естонската поддршка на приоритетите и вложените напори за координацијата во рамки на претседавањето со ОБСЕ. цр/ев/

Фото:Влада на Република Северна Македонија

видео:Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан