• среда, 27 ноември 2024

Ковачевски и Османи во Солун на министерски состанок и Самит во рамките на Процесот за соработка во ЈИ Европа

Ковачевски и Османи во Солун на министерски состанок и Самит во рамките на Процесот за соработка во ЈИ Европа
Атина, 10 јуни 2022 (МИА) – Лидерите на државите и Владите на земјите членки во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, меѓу кои и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска во Солун ќе учествуваат на Самитот на високо ниво што го организира Грција во рамките на грчкото претседателство со ПСЈИЕ, јави дописничката на МИА од Атина. Освен Самитот, ќе се одржи и министерски состанок на кој ќе учествува министерот за надворешни работи Бујар Османи. Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека на Самитот поканети се и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат во улога на набљудувачи. -Премиерот Кирјакос Мицотакис, кој ќе претседава со Самитот, ќе биде домаќин на шефовите на држави и влади во Солун за да разговараат за иднината на регионот во критичен момент што повеќе од кога било ја нагласува важноста на зајакнувањето на добрососедските односи, но и подготовката на земјите оф нашиот регион за нивна интеграција во евроатлантските институции, рече Иконому. Додаде дека освен Грција на Самитот учествуваат Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Хрватска, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали се планирани билатерални средби на грчкиот премиер со негови колеги од балканските земји, Иконому рече дека дополнително ќе биде објавена програмата, но веројатно Мицотакис ќе се сретне само со премиерката на Молдавија, бидејќи „агендата на Самитот е густа и богата“. Самитот ќе започне во попладневните часови, а по завршувањето грчкиот премиер ќе одржи прес конференција. Пред Самитот на високо ниво, ќе се одржи и состанок на шефовите на дипломатиите од земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а за таа цел, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во изминатиот период ги посети земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија го потврдија учеството на министерот Османи и соопштија дека на состанокот „ќе се разговара за статусот на регионалната соработка како и влијанието на моменталните меѓународни случувања врз динамиката во регионот на Југоисточна Европа“, но и дека шефовите на дипломатиите ќе ја одобрат заедничката декларација на самитот како и годишниот извештај на Советот за регионална соработка. Додадоа дека на маргините на состанокот министерот Османи ќе оствари бројни билатерални средби со негови колеги од земјите во регионот, додека пак самиот Османи во интервју синоќа рече дека очекува денеска во Солун да се види со шефицата на бугарската дипломатија. ср/бк/

Остани поврзан