• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски: Има најави за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори со моќност од речиси еден гигават

Ковачевски: Има најави за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори со моќност од речиси еден гигават
Скопје, 29 април 2022 (МИА) - Историскиот проект Чебрен за изградба на реверзибилна хидроцентрала, што сите влади го најавуваа и беа во прва фаза на реализација, оваа Влада веќе го донесе во втора фаза на реализација, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски. - Постојат девет понудувачи, меѓународни реномирани компании коишто имаат можност за рамноправен натпревар. Сите девет имаа можност да направат теренски увид на просторот каде што би се градела централата. Се работи за реверзибилна хидроцентрала која ќе овозможи производство на базана енергија, рече Ковачевски на Форумот „100 дена Влада“. Тој нагласи дека кризата која започна како енергетска во текот на минатата година продолжи како уште поголема годинава, заради воената инвазија на Русија врз Украина. - Покрај тоа што ги зголеми цените на електричната енергија ги принуди државите да мора да спроведат мерки кои нема да дозволат ценовен шок за граѓаните, но предизвика и енергетска транзиција и диверзификација на изворите за снабдување со енергенси, рече Ковачевски. Тој потенцира дека земјава веќе изработи Стратегија за транзиција на енергетскиот сектор која доколку се реализира, како што кажа, ќе имаме замена на производството на електрична енергија кое сега го имаме претежно од јаглен со обновливи извори на енергија. Ги спомна веќе реализираната фотонапонска централа од 10 мегавати на старите наоѓалишта на јаглен во Осломеј од страна на ЕСМ, како и плановите за изградба на уште 10 мегавати на истата локација од компанијата и два пати по 50 мегавати преку јавно приватно партнерство,  проектот за изградба на 200 мегавати во РЕК Битола кој е во подготовка. Премиерот  нагласи дека преку концептот на негативна аукција спроведена од Министерството за економија веќе има договорени фотонапонски централи со моќност од над 120 мегавати. Има, додаде тој, и покажан интерес од реномирани фирми за изградба на ветерен парк и агриволтаик централи. - Доколку се реализираат ќе има капацитети од за производство на електрична енергија од обновливи извори со моќност од речиси 1 гигават, потенцира Ковачевски. вј/сп/

Остани поврзан