• среда, 18 декември 2024

Ковачевски: Иднината е во обновливите извори на енергија, можеме да станеме енергетски зелен центар на Европа

Ковачевски: Иднината е во обновливите извори на енергија, можеме да станеме енергетски зелен центар на Европа
Охрид, 19 ноември 2022 (МИА) - Северна Македонија е лидер во регионот во енергетска трансформација, а може да стане и енергетски зелен центар на Европа. Тоа е визијата на премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски што ја соопшти на вечерашната трибина во Охрид што се одржа под мотото „Силно и одлучно кон идината. Само во изминатите 10 месеци од неговиот мандат нагласи дека се инсталирни 27 мегавати фотонапонски централи, правејќи споредба со 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога биле направени 16 мегавати фотонапонски централи. За наредните две години најави пуштање во употреба на 130 мегавати фотонапонски електрани. - Една од новите енергетски проекти за трансформација е електраната во Осломеј, инвестиција во фотонапонска електрана од 10 мегавати. Веќе се градат и фотонапонски централи по пат на јавно-приватно партнерство со инсталиран капацитет од 100 мегавати на истото место. Неодамна почна со работа најголемата фотонапонска централа со капацитет од 17 МW, изградена од страна на компанијата од Словенија („Ген-И). Се гради и во следниот период во употреба ќе се стават и најголемите 25 мегавати од ветерници во Свети Николе, рече Ковачевски. Според него, иднината во производството на електрична енергија е во обновливите извори, а резултатите се веќе видливи. - Тоа е мојата енергетска визија, да бидеме европски шампиони во производство на енергија од нашето македонско сонце, нагласи премиерот. За претстојната зима, која ја оцени како една од најтешките по Втората светска војна, рече дека никој нема да биде оставен сам, потсетувајќи на висината на минималната плата, како и зголемените пензии, субвенционирањето на струјата за сите домаќинства, за 72.000 компании и ранливи семејства со 80% од реалната цена... Ги спомена и антикризните мерки вредни 760 милиони евра, според претседателот на СДСМ, најголеми во регионот, со кои била спасена економијата, а цените почнале да се намалуваат. -Антикризните мерки вродија со плод — цените на храната почнаа да се намалуваат. Со мерката за обезбедување поевтина струја за прехранбената индустрија, очекуваме да се намалат цените на лебот, млекото, месото и останатите основни производи за најмалку 10 отсто, рече Ковачевски. Се осврна и на вработувањето во технолошко индустриските развојни зони, каде, како што нагласи, во првите 10 месеци од годината биле отворени нови 2000 работни места, од кои само во октомври 200. Во однос на изградбата на автопатот Кичево - Охрид уште еднаш вети дека ќе биде готов до крајот на идната година, односно дека граѓаните ќе може да патуваат по нова сообраќајна делница од јануари 2024 година. - Тој проект е од државно значење. Но секако значаен за Охрид, за охридксиот регион, за развојот на туризмот и на нашата економија. Туризмот како значајна гранка за Охрид може својот пик да го достигне само преку политики на интеграција и преку соработка со нашите соседи, нагласи Ковачевски. Преку иницијативата Отворен Балкан и јакнењето на регионалната соработка, подвлече, дека дополнително се стимулира туризмот и се промовира нашето национално богатство, култура, идентитет и туристички капацитети пред сите граѓани. Премиерот говореше и за историскиот исчекор, односно отпочнувањето на преговорите со Европската унија, по 17 годишното чекање. - За тоа беше потребно лидерство, визија за иднината и храброст да се донесат болни и тешки одлуки, рече Ковачевски, нагласувајќи дека за идните генерации е оставен чист пат на што се горди. Говорејќи за политиките на локално ниво, тој нагласи дека се реалиизраат проекти наследени од претходниот градоначалник од СДСМ и оти не биле реализирани клучните ветени проекти од актуелното локално раководство. сс/са/

Остани поврзан