• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски за „Фокус“: Владините економски политики и деветте пакети антикризни мерки имаат видлив резултат

Ковачевски за „Фокус“: Владините економски политики и деветте пакети антикризни мерки имаат видлив резултат

Скопје, 15 декември 2023

Во интервју за неделникот „Фокус“, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, посочи дека континуираните и координирани мерки што Владата ги преземаше и ги презема, имаат видлив резултат и придонесоа за пад на инфлацијата.

„За мене и како премиер и како економист по вокација, бројките се најрелевантен показател за постигнати резултати. И токму ова прашање, ќе го поткрепам со бројки. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, инфлација минатиот месец ноември изнесува 3,1%, што е за 6,3 пати помала инфлација за само една година, односно споредено со ноември 2022 година, кога инфлацијата беше 19,5 %“, вели премиерот Ковачевски.

При тоа, премиерот Ковачевски, посочи дека за околу три и пол години, се донесени пакети антикризни мерки во вредност од над 2 милијарди евра за граѓаните и за стопанството.

„Ланскиот пакет антикризни мерки во висина од 760 милиони евра, беше оценет од Светска банка како најголем во регионот. Со сите мерки досега спасени се повеќе десетици илјади работни места, финансиски поддржавме ранливи категории граѓани, пензионери со ниски пензии, поддржавме плати за вработените, поддржавме занаетчии, самостојни уметници, радиодифузери, овозможивме поволни кредити за уметници, компании, овозможивме поволни кредити и за приватниот и за јавниот сектор. Од независноста до денеска немало толку голема финансиска поддршка за граѓаните и компаниите. Особено сум горд на тоа што успеавме и покрај сите предизвици“, вели премиерот Ковачевски.

Најновиот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра. Како што посочи премиерот Ковачевски во интервјуто за неделникот „Фокус“, тоа се мерки за поддршка на ранливи  граѓани,  ученици, студенти, пензионери, граѓани - корисници на социјална помош, граѓани со посебни потреби, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании во процес на зелена транзиција. Со овие мерки се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.  Пакетот содржи и системски мерки со кои за 2023 и 2024 година се опфатени  над 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавен сектор.

 

Фото: Влада

Сектор за односи со јавноста
Генерален секретаријат

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан