• среда, 25 декември 2024

Определни сме процесот на уставни измени да заврши пред втората меѓувладина конференција, вели Ковачевски

Определни сме процесот на уставни измени да заврши пред втората меѓувладина конференција, вели Ковачевски

Берлин, 28 јуни 2023 (МИА) - Определни сме процесот на уставни измени да заврши пред отпочнувањето на втората меѓувладина конференција. И Владата и сите коалициски партнери се посветени на тоа. Ги повикувам пратениците од опозоцијата да се водат од интересите на граѓаните, изјави премиерот Димитар Ковачевски вечерва во Берлин на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц.  

-Уставните измени се веќе подготвени во Министерството за правда. Владата веќе води процес на нивна консултација и сме определни овој процес да се заврши во рамки на потребата, а тоа е пред отпочнувањето на втората меѓувладина конференција. Заради тоа и Владата и сите коалициони партнери се посветени на одржување на овој дијалог. Јас уште еднаш ги повикувам пратениците од опозицијата да се водат од интересите на граѓаните кои ги избрале во носењето на одлуките. Се друго би значело наместо интеграција, државата повторно да падне во изолација., изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање. 

Уставните измени, посочи тој, не претставуваат никакво идентитетско прашање со оглед на тоа дека тие прашања веќе се решени и во Преговарачката рамка и низ други документи што се дел од неа.

-Имаме целосно заштитен македонски јазик, македонски идентитет, во рамки на македонска култура и потврда доаѓа од сите наши партнери, пред се, тука мислам на Германија која донесе најконкретна резолуција во Буденстагот. Потребата уставните измени да се донесат до крајот на скринингот е од причина процесот да не застане. Ние за првпат сега се наоѓаме во ситуација ветото да не дојде од надвор туку да дојде од внатре. И затоа јас постојано ги повикувам пратениците и политичките партии од опозицијата да го поддржат овој процес бидејќи овој процес не е процес на еден човек, на една Влада или на една политичка партија, ова е општествен широк процес бидејќи остварува цел потребна на државата, потенцираше Ковачевски. 

Членството во ЕУ и продолжувањето на преговорите, рече тој на прес-конференцијата со Шолц, не е цел само на една политичка партија и не може целта на интеграција во ЕУ да биде помала цел од политичкиот рејтинг и од политичката кариера од кој било политичар во нашата држава.

-Интересот на граѓаните, подобриот животен стандард, унапредувањето на институциите, можнопстите граѓаните да живеат во своја држава во ЕУ а не да се иселуваат е многу повисока и врвна цел, потенцираше премиерот.    

Што се однесува до односите со Бугарија, Ковачевски потсети дека минатата недела имал телефонски разговор со новиот бугарски премиер, како и дека веќе има средби на наши министри со нивни бугарски колеги. 

-Гледате дека сите вести беа позитивни. Многу скоро министерот за надворешни работи и вицепремиерот за европски прашања ќе имаат состанок со нивните колеги од Бугарија, најави Ковачевски. 

Со тоа, смета премиерот, е отворен пат за враќање на позитивниот дијалог и теми кои се важни за иднината и за секојдневниот живот на граѓаните. На нашиот регион, потенцира Ковачевски, му требаат политичари кои нудат решенија, а не политичари кои секојдневниот критикуваат и се занимаваат со прашања од минатото.

-Кога зборувате за минатото вие не давате никакво ниту ветување ниту решение. На Западен Балкан му требаат политичари кои зборуваат за иднината, а иднината е добрососедска политика, добри односи помеѓу граѓаните и интеграција во ЕУ, рече Ковачевски. ев/вг/  

 

Остани поврзан