• четврток, 19 декември 2024

Ковачевски: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ

Ковачевски: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за српската ТВ Пинк ја потенцираше важноста за евроинтеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Тој истакна дека друга алтернатива од ЕУ не постои за просперитетен, стабилен и безбеден регион.

Иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, според Ковачевски, се базирани на европски вредности, бидејќи сите граѓани од државите на регионот имаат право да живеат и да соработуваат меѓу себе.

- Иницијативата се базира на четирите слободи за движење во ЕУ, на кои и самата ЕУ се заснова, а тоа е слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги. Ако ја гледаме само трговската размена меѓу Србија и Северна Македонија, таа е веќе на ниво од 1,1 милијарда евра. Апсолутно тоа е поради Отворен Балкан, тоа го кажуваат и самите компании, истакна премиерот Ковачевски во интервјуто.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски нагласи дека во последните десет години вратите на ЕУ се најмногу отворени за Западен Балкан во однос на тоа што биле порано.

- Воената агресија на Русија врз Украина ја стави пред одлука ЕУ во однос на нејзиното влијание и во однос на нејзината вклученост во процесите на Западен Балкан. Затоа гледате колкав е фокусот на ЕУ на решавање на сите отворени прашања коишто се дел од земјите на Западен Балкан, посочи Ковачевски. сх/са/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан