• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски за РТВ Словенија: Големите и стратешки одлуки секогаш носат придобивка за граѓаните

Ковачевски за РТВ Словенија: Големите и стратешки одлуки секогаш носат придобивка за граѓаните

Скопје, 3 април 2023 (МИА) - Ние досега сме донеле голем број на тешки одлуки, почнувајќи од 2001 година со Охридскиот рамковен договор, потоа со Преспанскиот договор, со договорот со Грција, како и со прифаќањето на Преговарачката рамка и на Договорот за добрососедство со Бугарија и можам да кажам дека после сите тие договори, Северна Македонија секогаш излегувала како победник, порача премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за РТВ Словенија.

Тој нагласи дека по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор  имаме држава којашто е изградена на принципите на демократско општество каде што секоја етничка заедница и секој граѓанин има еднакви можности за личен и професионален развој, по Договорот од Преспа станавме земја членка на НАТО и сега го гледаме значењето на зачленувањето во НАТО, а по прифаќањето на Преговарачката рамка ги почнавме преговорите со ЕУ, после 17 години чекање.

- Значи секогаш големите и стратешки одлуки носат бенефит за граѓаните, оцени премиерот Ковачевски.  

Според него, од големо значење е поддршката што во своите аспирации за полноправно членство во Европската Унија земјава ја добива од страна на пријателите од НАТО и ЕУ.

-Северна Македонија е држава којашто на својот пат кон европските и евроатланските интеграции мораше да ги донесе веројатно најтешките одлуки во споредба со сите други држави кои се зачлениле и во НАТО и во ЕУ. Тие одлуки навистина можам слободно да кажам дека предизвикуваат мачнина кај најголемиот дел од нашиот народ. исто и кај мене. Јас ги делам тие чувства. Меѓутоа од друга страна, ние како држава немаме друга алтернатива. Единствената алтернатива на Северна Македонија и она што е зацртано во стратешките документи на нашата држава е интеграција во НАТО и интеграција во ЕУ, рече премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека земјава доби Преговарачка рамка со чист македонски јазик, со заштитен идентитет на Македонците, со сите културни и други обележја. коишто обележуваат еден народ и со тоа да ги започна преговорите со ЕУ.

Според Ковачевски, државите од регионот, посебно земја членка на ЕУ, има обврска да промовира европски вредности кај другите земји од регионот, бидејќи регионот има потреба да оди напред.

- И единствено преку политичка волја, соработка и институционално разбирање помеѓу државите можеме да одиме напред, оцени премиерот Ковачевски во интервјуто за РТВ Словенија.

Тој додаде  дека зачленување во ЕУ не е процес на еден човек, на една Влада, на една политичка партија, туку е процес на целото општество и на сите политички фактори во државата.

-Тоа е стратешки процес од којшто зависи иднината на сегашната и на идните генерации македонци. Нашите граѓани сакаат, заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, меѓутоа да живеат дома, не да живеат во земја членка на ЕУ надвор од својата држава. Затоа сметам, дека ова е одлука којашто треба да ја донесат сите политички партии во државата кои се за европскиот пат и за европска интеграција на државата, изјави Ковачевски.

Во врска со можноста за договор со опозицијата, премиерот Ковачевски рече дека ќе биде отворен процес на подготовка на уставните амандмани, коишто ќе бидат дел од работата на работна група формирана во Министерството за правда, каде што најголемите експерти во државата од уставно право и претставници на политички партии ќе ги подготват амандманите.

 - Ќе има широка расправа меѓу деловната, академската заедница, невладиниот сектор, медиумите, сите граѓани да можат да бидат информирани и потоа низ парламентарна расправа, јас сум убеден дека Северна Македонија ќе има и демократски и визионерски капацитет да ја донесе оваа одлука со којашто ќе продолжиме кон европските интеграции, додаде Ковачевски.

Премиерот го нагласи и значењето на Словенија во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и на државите од Западен Балкан, како и во развојот на земјава.

Словенија секогаш се залагала за интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ и јас верувам дека водечката улога којашто Словенија ја има во овој регион на крајот ќе резултира со интеграција на целиот регион во ЕУ, како што е и залагањето на Словенија, на премиерот Голоб, на министерката за надворешни работи Фајон, на претседателката Пирц Мусар, на поранешниот претседател Пахор. Навистина тие имаат значајна улога за европската интеграција на регионот, оцени Ковачевски.

- Тој посочи Словенија е еден од најголемите пријатели наземјава од денот на нашето осамостојување и прогласување независност и во текот на изминатите 31 година од кога имаме воспоставено дипломатски односи има учествувано во сите развојни процеси на државата, преку проектна помош, помош во знаење, преку твининг проекти и финансиска помош, како и во областа на економијата.

-Словенија е наш петти стратешки партнер во делот на трговската размена, меѓутоа и во делот на инвестициите – 7 отсто од странските директни инвестиции во Северна Македонија се од Словенија. 2.500 наши граѓани работат во словенечки фирми во Северна Македонија, осигурителни компании, банки се дел од словенечките компании. Словенија има доделено помош на Северна Македонија во износ од 40 милиони евра за најразлични проекти за развој, што е конкретна поддршка во напредокот на нашата држава, нагласи премиерот Ковачевски во интервјуто за РТВ Словенија. сп/

Фото: Влада

Остани поврзан