• сабота, 28 декември 2024

Ковачевски за „Ал џезеира“: Отворен Балкан го поврзува регионот, го забрзува економскиот развој и евроинтеграцијата

Ковачевски за „Ал џезеира“: Отворен Балкан го поврзува регионот, го забрзува економскиот развој и евроинтеграцијата
Скопје, 10 јуни 2022 (МИА) - Отворен Балкан на ниту еден начин не е замена за европските интеграции туку е иницијатива за поврзување на регионот, за поедноставно и полесно комуницирање меѓу граѓаните, полесно одвивање на трговијата и поголема комуникација како меѓу институциите така и меѓу компаниите со цел да се унапреди животот во државите во овој регион, истакна премиерот Ковачевски во интервју за регионалната ТВ мрежа „Ал џезеира“.- Процесот што го спроведуваме со Отворен Балкан претставува подготовка на регионот за што побрза интеграција на ЕУ и ја има поддршката и од Брисел и од Вашингтон, дополнува во интервјуто Ковачевски.Премиерот во интервјуто истакна дека иницијативата е отворена за сите држави кои сакаат да се приклучат и дека на самитот Отворен Балкан во Охрид е забележан нагласениот интерес на Црна Гора и Босна и Херцеговина за иницијативата, што беше потврдено и со големиот број компании кои дојдоа во Охрид и кои ги препознаваат придобивките од слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги во регионот.
Ковачевски во интервјуто се осврнува и на евроинтеграциите, нагласувајќи дека без разлика на исходот од јунскиот Самит нашата определба останува јасна и цврста за членство во ЕУ.
- Ако ги погледнеме и емпириските податоци за нашата држава тогаш многу јасно се гледа каде треба да бидеме интегрирани бидејќи 80 отсто од нашата надворешно трговска размена е со земји членки на ЕУ, 80 отсто од странските инвестиции во нашата држава се од земји членки на ЕУ. Ние донесовме тешки и одговорни одлуки. Сега ЕУ треба да го одржи своето ветување и на следниот самит треба да ја исправи грешката што беше досега направена. Што се однесува до нашата држава без разлика на исходот од Самитот нашата определба останува јасна и цврста за членство во ЕУ, рече Ковачевски.
Тој дополни дека остануваат политичките чекори за отпочнување на преговори и дека единственото можно решение кое може да биде одржливо и кое може да претставува основа за понатамошно унапредување на добрососедските односи, е решение кое што се базира на европски вредности и кое истовремено се грижи за достоинството како на сите граѓани на Северна Македонија, така и на граѓаните на Бугарија.
Во однос на очекувањата од јунскиот Самит на ЕУ, Ковачевски потенцира дека за него било познато дека нема да биде лесно на патот кон ЕУ, и нагласи дека тој постојано  инсистирал на тоа дека не се врзува за датуми затоа на тој начин непотребно се подгреваат очекувањата кои кога нема да бидат исполнети следуваат разочарувањата.
- Ние имаме многу јасна цел да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Доколку има вето и овој пат тоа ќе биде надополнување на ветото на претходната бугарска Влада и во тој случај заложник на проширувањето на ЕУ, покрај нашата држава ќе биде и соседната Албанија. Тоа треба да им е јасно на сите земји членки на ЕУ и затоа Брисел треба што поскоро го отвори процесот на преговори за Северна Македонија и за Албанија со одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ за двете земји“, посочи премиерот.
За предлогот за формирање на некој вид европска политичка заедница, премиерот Ковачевски истакна дека за таа иницијатива нема конкретен предлог и дека таа иницијатива повеќе се  однесува на Украина, Молдавија и Грузија, и дека за неа се размислува како за модел кој би бил адекватен за овие земји, а не за земјите од Западен Балкан за кои постои веќе оформен процес на пристапување со многу јасна цел и патека по која треба да се одвиваат преговорите за членство и кои веќе имаат одреден напредок во тој процес. нд/

Остани поврзан