• среда, 13 ноември 2024

Ковачевски: Загарантиран растот на платите во јавниот сектор, нема повеќе политички калкулации со граѓаните

Ковачевски: Загарантиран растот на платите во јавниот сектор, нема повеќе политички калкулации со граѓаните

Скопје, 27 јули 2023 (МИА) - За првпат после 15 години заеднички на иста маса се синдикатите и претставниците на Владата и сите други засегнати страни, постигнаа договор што обезбедува долгорочно одржливо решение. Ова решение нема да зависи веќе никогаш од добрата волја на политичарите, на политичките партии, ниту сега ниту во иднина со оглед на тоа дека општиот колективен договор во себе содржи методологија за постојан раст и усогласување на платите на работниците во јавниот сектор, порача од собраниската говорница премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање на пратеничката од СДСМ Даниела Маркоска.

Тој потсети дека растот на платите со овој општ колективен договор на вработените во јавниот сектор е загарантиран.

Ковачевски додаде дека од 2024 натаму, договорено е во општиот колективен договор регресот на годишен одмор да изнесува најмалку 30 проценти од просечната нето плата, исплатена во претходниот период.

-Нема повеќе политички калкулации со граѓаните, нема повеќе ветувања пред избори за еднократни зголемувања за платите на работниците, истото се случи и со минималната плата, бидејќи и таму се донесе системско решение, истото се случи и со пензиите бидејќи и таму се донесе системско решение за постојан раст на пензиите два пати годишно, рече тој.

Премиерот додаде дека целта е подобар стандард на граѓаните и подобро платени работни места.

-Платите на граѓаните и во иднина ќе растат, бидејќи сите владини политики се насочени кон подобрување на животниот стандард. Сето ова е одраз и резултат на правилните политики, кои прават разлика во примањата на работниците, оцени Ковачевски. 

Тој потсети дека Владата презела конкретни мерки за стабилизирање на инфлаторните движња, при што, рече, инфлацијата од овој месец е под десет проценти и се врати на едноцифрените бројки а невработеноста е намалена за осум проценти, исотвремено со зголемување на вработеноста со 9,5 проценти. 

Премиерот изрази очекување дека трендот на намалување на инфлацијата да продолжи и во наредните месеци. 

Седницата наменета за пратенички прашања ќе продолжи по паузата во 15 часот. нд/ац/

 

 

 

Остани поврзан