• петок, 20 декември 2024

Ковачевски: Договоривме средба со Мицкоски, која ќе се одржи наскоро

Ковачевски: Договоривме средба со Мицкоски, која ќе се одржи наскоро
Скопје, 28 јануари 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски информира дека утрово се слушнал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и дека договориле средба која треба да се случи наскоро. - Утрово му се јавив на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и се договоривме наредниот период, многу скоро, да организираме средба. Таа средба можеше да се случи и порано, но заради зафатената агенда во Владата, како и заради тоа што двајцата секретари на СДСМ беа во изолација поради инфекција со вирусот, денеска почнавме со организација на таа средба  и таа ќе се случи наскоро, изјави Ковачевски во интервју за националниот радиодивузен сервис. Според него, природно и нормално е двете партии, најголемата на власт и во опозиција, да комуницираат меѓу себе бидејќи, како што рече, пред нас имаме многу предизвици кои се повразни со справувањето со здравствената пандемија, со енергетската криза, со топлинската криза во државата, со евроинтеграцискиот процес кој не го гледам само низ разговори со Бугарија, туку и како еден цел концепт на реформи во македонското општество, вклучително и реформи во правосудството, реформи во борбата против корупцијата и криминалот. Премиерот Ковачевски посочи дека веќе голем број закони се поднесени во Собранието, од областа на економијата и треба, како што рече, заедно, низ парламентарна дебата тие да бидат донесени зошто на крајот на денот значат подобро оптество за живеење и значат подобар животен стандард за граѓаните. Прашан за барањето за укинување на техничката или т. н. „пржинска“ влада, Ковачевски изјави дека тоа само го потврдува фактот дека во моментов имаме комплетно демократизирани институции во државата. - Таа „пржинска“ техничка влада беше донесена заради тоа што инститициите во тоа време практично беа партизирани и беа злоупотребувани во изборни цели. Нема подобра потврда од ова барање на опозицијата за укинување на техничката Влада, дека имаме демократизирано општество, имаме слободни медиуми, каде секој има пристап, нагласи Ковачевски. Тој додаде и дека во минатото лидер на опозиција не можел да се појави на телевизија, а сега лидерот на опозиција може да биде присутен секоја вечер на која било национална телевизија со настапи или интервјуа. - Во однос на самото укинување на техничката влада, таа одлука е донесена преку договор на четирите најголеми партии и тоа е единствениот начин таа да биде и укината. Низ еден процес на разговор помеѓу политичките партии кои ја донесоа, двете најголеми во Владата и двете најголеми во опозицијата, на ист таков начин треба да се разговара и за нејзиното укинување. Видовме дека коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците веќе излезе со различно мислење од ВМРО-ДПМНЕ и затоа треба да се седне на маса да се разговара, да се види предлогот и да се донесе заедничко решение за начинот на укинување на техничката влада, истакна премиерот Ковачевски. На прашањето за измени на Изборниот законик во делот на една изборна единица, Ковачевски рече дека СДСМ е партија која меѓу првите го поддржа тој предлог, од поодамна и го има во својата програма. - Тоа е легитимен предлог, кој во моментов е поднесен од помалите партии. Тоа е предлог за кој ќе се разговара. Сметам дека промената на изборното законодавство не треба да се носи на краток рок, односно треба да се носи низ еден широк и инклузивен процес во кој ќе учествуваат, покрај сите политички партии, бидејќи Изборниот законик се носи со консензус и сите досега така биле носени,така треба да биде донесен и овој. Сметам дека треба да се носи низ еден процес на широки консултации, каде ќе биде вклучен и ОБСЕ и ОДИХР со нивните забелешки, но и експерти кои ќе можат да дадат најдобар инпут во однос на предвидување на резултатите кои би ги добиле во однос на составот на Собранието со еден таков изброен модел, објасни Ковачевски. Пред локалните избори имаше, како што рече, еден обид или намера за воведување на отворени листи.
- Јас лично го погледнав тој предлог и сметав дека е тој неприменлив, бидејќи беше набрзина направен, меѓутоа на крајот и самите политички партии сфатија дека повеќе ќе внесе забуна во самото гласање, отколку што ќе донесе некаков дополнителен квалитет. Затоа велам да, треба да се разговара, треба да се стави на маса, но тоа треба да биде процес на работа низ работни групи кои ќе дојдат до најдобриот модел на една изборна единица за избори кои би се одржале 2024 години, заклучи премиерот Ковачевски. мд/сп/

Остани поврзан