• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски: Денес е тежок удар за европската перспектива на државата, но сѐ уште не е доцна да се смени правецот

Ковачевски: Денес е тежок удар за европската перспектива на државата, но сѐ уште не е доцна да се смени правецот

Скопје, 24 април 2024 (МИА) – Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција рече дека се надевал на подобри резултати и, како што рече, ја прифаќа пораката од граѓаните, но се надева на подобри изборни резултати во вториот круг.

– Се надевавме на подобри резултати, но јасно е дека луѓето нѐ казнија и ние тоа го прифаќаме. Денес е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но сѐ уште не е доцна да се смени правецот. Ние нема да се откажеме од европската иднина на Македонија. Знаеме дека луѓето се уморни од европскиот пат, знаеме дека Европската унија не ги одржа своите ветувања, но нема друга опција освен земјата да биде дел од Европската унија, не постои друг пат освен патот на ЕУ, рече Ковачевски.

Вели време е да се стават сите разлики на страна и ги повика граѓаните да се обединат околу идејата за европската иднина на државата, бидејќи како што рече, доколку земјава ја пропушти оваа шанса ќе треба далеку повеќе време да се врати на европскиот пат. 

– Знаеме дека многу се разочарани, но имаме уште две недели, јас ќе бидам на терен и ќе работиме да ја добиеме поддршката за европска Македонија. Нема да ги наведнеме главите, ќе продолжиме да се бориме, сѐ додека не победиме. Сакам да упатам порака до Стево Пендаровски, ова е наша заедничка борба, ќе се бориме заедно рамо до рамо, затоа што ова е најважната битка за европска Македонија, рече Ковачевски.

На новинарско прашање дали планира да поднесе оставка од позицијата претседател на СДСМ, по изборните резултати од првиот круг на претседателските избори, Ковачевски рече во вториот круг очекува многу подобри резултати, бидејќи во првиот круг граѓаните избирале меѓу седум претседателски кандидати.

– Ако ги погледнете кандидатите ќе видите дека се од левиот и од центар политичкиот блок. Јас сум човек кој никогаш не бегал од одговорност, меѓутоа што ќе се случува во партијата, ќе одлучиме на конгрес после изборите. Ние на овие избори не учествуваме на олимписки игри каде што важно е да се учествува, туку учествуваме на изборите за да победиме, порача Ковачевски. ра/бак/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан