• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски: Дваесет икони, дел од културното наследство, по една деценија се вратени дома

Ковачевски: Дваесет икони, дел од културното наследство, по една деценија се вратени дома

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Незаконски изнесените икони, кои денеска беа предадени на македонската делегација во Тирана, од вечерва се изложени во Музејот на Северна Македонија. На изложувањето присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура, Костадиновска Стојчевска, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и членот на МАНУ кој ги препозна иконите, Сашо Цветковски. Премиерот Ковачевски во изјава за медиумите истакна дека по соработката со соседна Албанија, иконите украдени во 2013 година успешно се вратени дома.

-Денеска сите ние сведочиме на еден историски чин, за прв пат во нашата држава, успешно заврши реституција на културно наследство. Дваесет наши икони репрезент на она што се творело на крајот од 18-ти и во 19-ти век, по една деценија се вратени дома. Овие ремек дела за Северна Макединија се дел од идентитетските одредници и наше богатото културно наследство. Иконите се меѓу најделикатните и највеличествените богатства во светот, овие икони кои вечерва ги видов може да се споредат со сликите на најголемите светски мајстори на ликовната уметност, рече Ковачевски.

Тој посочи оти е горд што е дел од Влада, која што создала модел за демократија, дипломатија, со што, како што кажа, воспоставивме одлични добрососедски односи со нашите соседи.

-Со дијалог компромис взаемно почитување и најтешките предизвици може да се надминат и да отворат нови можности за соработка. Вечерва сведочиме на една таква соработка со нашиот сосед Албанија, иконите украдени во 2013 година успеавме да ги вратиме дома, рече Ковачевски.

Додаде дека се работи за една голема и сеопфатна акција на Министерството за внатрешни работи на Албанија преку која што се откри голем канал на крадење и шверцување, и уништување на едно историско културно наследство, и изрази благодарност и до министерот за внатрешни работи на Албанија, и до премиерот Еди Рама.

Тој исто така посочи дека идентификувани се уште икони што се украдени во текот на изминатите децении, и рече дека во моментов се работи на соодветни анализи, и дека во текот на наредниот период повторно ќе биде постапка спроведена за нивно враќање во нашата држава.  

Министерката за култура, Костадиновска Стојчевска, истакна дека за првпат во регионот се случува да биде вратен украдено заштитено културно добро. 

-Според расположливите податоци во светот воопшто исклучително ретко се случува да бидат вратени незаконски културни добра онаму од каде што се земени, нагласи министерката.

Таа информираше дека овие 20 икони ќе останат во Музејот на Северна Македонија, каде што ќе им биде извршен конзерваторски третман во зависност од потребите на секоја икона одделно, додека по целосното завршување на конзервацијата, иконите ќе бидат изложени за јавноста во овој музеј за после извесен период да се вратат по храмовите.

-Охрабрена од овој исклучителен гест на пријателската Република Албанија, верувам дека успешно ќе се одвива и процесот на враќање на уште 37 идентификувани икони украдени од македонските цркви и манастири во период 2008, 2013 година. 

Уметникот кој всушност ги препозна иконите, Сашо Цветковски, овој процес кој траеше десет години помина низ различни фази, но благодарение на синхронизираноста на сите вклучени од институциите придонесе да се дочека враќањето на овие икони.

Вкупно 20 икони кои беа украдени од македонските цркви, претежно од струшкиот регион беа вратени денеска од страна на Албанија во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година.

Иконите беа предадени денеска на свечена церемонија во Тирана на македонската делегација, предовдена од министеката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западниот и Југозападниот дел на земјава, од каде што се однесоа стотици икони. Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на премиерот Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје. По завршувањето на овој процес за враќање на 20-те украдени икони во земјава, предвидено е отворање на нов процес за враќање на уште еден контингент од 37 идентификувани икони во Албанија. сх/нд/

Фото: МИА; Влада

Остани поврзан