• среда, 18 декември 2024

Ковачевски: Во 2030 Македонија ќе биде прва земја членка во ЕУ од Западен Балкан 

Ковачевски: Во 2030 Македонија ќе биде прва земја членка во ЕУ од Западен Балкан 

Скопје, 30 август 2023 (МИА) - Во 2030 година Македонија ќе биде прва земја членка на Европската Унија од Западен Балкан, порача премиерот Димитар Ковачевски на трибината на тема „ЕУ за македонската економија“ со која во Скопје денеска започна кампањата „Ние сме Европа“. 

Претседателот на Владата вечерва изјави дека претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на два пати повторил дека има конкретна одредница за проширувањето на ЕУ - 2030 година, како и дека оние кои се побрзи во своите реформи, први ќе влезат во 2030 година во Европската унија. 

- Сакам на почетокот да расчистиме три дилеми: Прво дека после долго време претседателот на Европскиот совет во Блед и повторно на телевизија Словенија кажа дека има конкретна одредница за проширување на Европската унија а тоа е 2030 година и тоа е истата година за која што ние велиме дека Северна Македонија ќе биде подготвена, истакна тој на почетокот на трибината. 

Посочувајќи на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, Ковачевски нагласи дека „тоа значи дека оние кои се побрзи во своите реформи тие први ќе влезат во 2030 година во Европската унија“. 

На настанот кој се одржа на плоштадот „Јадран“ премиерот истакна дека сите стратешки одлуки кои ги носи Владата, како што рече, имаат многу јасна цел, а тоа е развој на економијата, приватниот сектор и нови вработувања. Тој ги сублимираше резултатите споредено со период од 2016 година.

 - Економскиот модел на Владата, во овој временски интервал до 2022 година резултира со историски намален број на невработени за речиси 52 проценти, странски директни иневстиции за овој период зголемени 2,5 пати, просечната пензија е зголемена за 40 отсто, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 36.527 денари. Тоа се цели 230 евра повеќе во сечиј домашен буџет, рече премиерот кој ново зголемување кое ќе се случи во септември оваа година и, како што рече, повторно ново идниот март, 2024 година. 

Според Ковачевски, позитивниот ефект не е само членството во Европската Унија, туку и самиот процес на пристапување.

Позитивни резултати од економската политика на Владата, како што кажа, може да се мултиплицираат со продолжување на евроинтеграциските политики и посочи дека ЕУ има вложено 3,3 милијарди евра неповратни средства преку грантови и инвестиции.

Влезот во ЕУ, како што рече Ковачевски, дополнително ги зајакнува позициите на компаниите кај нас и ќе отвори нови трговски перспективи, а се зголемува и пристапот до големиот заеднички европски пазар.  

- ЕУ и САД се најбогати и нивниот БДП е 60 отсто од светската економија и затоа сите сакаат да живеат на запад никој не отиде на исток. Затоа е подобро интеграции во ЕУ отколку изолација и барање алтернативи кои се утопистички, нагласи Ковачевски.

Тој сподели повеќе статистички податоци за напредок на земјите членки на ЕУ и посочи дека новите членки имаат 28 отсто зголемени странски директни инвестиции годишно по влегувањето во ЕУ.

- Се зголемува БДП по влегувањето на земјите членки во ЕУ. Поголеми плати, подобри платени работни места со европски услови и поголема куповна моќ, посочи премиерот Ковачевски.  

Информираше дека 80 отсто од нашиот извоз завршува на ЕУ, а 50 отсто од увозот е од ЕУ.

- Ова е историска шанса за нашата економија и не смееме да ја пропуштиме, ќе овозможи економски раст, нема алтернатива за поголем животен стандард, сега треба одговорност за земјата да оди напред, а не изолирани и без план за иднината, рече премиерот Ковачевски.

Настанот е дел од информативниот караван под мотото „Саем на европски вредности“, а во рамки на караванот ќе се презентираат можностите и придобивките од преговорите кои ги нуди членството во ЕУ.

Свои обраќања вечерва имаа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерот за економија, Крешник Бектеши, шпанскиот амабасадор и други.

На настанот присуствуваа голем дел од министрите во Владата, поранешниот премиер Владо Бучковски, како и повеќе граѓани. 

Кампањата „Ние сме Европа“ ќе се реализира во осум градови низ државата, Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и во Штип. Темите што ќе бидат опфатени се економија, култура, енергетика, туризам, земјоделие, млади, инфраструктура и социјална политика. ар/хс/



Фото/Влада на РСМ

Остани поврзан