• среда, 25 декември 2024

Ковачевски: Во наредниот мандат ќе спроведеме процес на ветинг

Ковачевски: Во наредниот мандат ќе спроведеме процес на ветинг

Скопје, 26 декември 2023 (МИА) - Доколку ја добиеме честа да ја водиме Владата, во следниот мандат ќе спроведеме процес на ветинг и тоа не само на именувани и избрани функционери - од премиерот до министрите, па се до царина, судови и обвинителства, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање да искоментира анкета, според која 80 проценти од граѓаните сметаат дека корупцијата е најголем проблем во државата.

-Има еден процес што ќе биде спроведен во државава, а тоа е процес на ветинг на именувани и избрани функционери, меѓутоа можеби треба да се прошири на физички и правни лица. Тој процес Албанија го спроведе. Во нашата држава Владата сакаше да го спроведе, но беше спречена од ЕУ, не знам од кои причини. Меѓутоа нема кој да го спречи тој процес на наредните избори кога повторно ќе ја добиеме честа да ја водиме владата, и во тој процес точно ќе може да се идентификува кој е за унапредување, кој е за доусовршување, а кој не може да извршува одредена фукнција и при тоа ќе бидат опфатени сите, а не само да го имате премиерот и министрите секој ден на телевизија, и секој ден да се гледаат нивните анкетни листови, туку треба да се гледаат на сите - од царина, до судови и обвинителства, вели Ковачевски.

Според него, факт е дека граѓаните точно знаат да лоцираат што точно треба да се поправи во државата, но исто така, вели, факт е дека и Владата работи на поправање на поправање и унапредување на областите што се важни за граѓаните.

-Знаете кога невработеноста беше една од клучните теми што ги преокупираше граѓаните, Владата со успешни мерки успеа да ја намали невработеноста од 25 проценти на 13 проценти, што подоцна падна на 11 проценти. Кога зборуваме за приходите на граѓаните просечната плата веќе е дојдена на ниво од 39.000 денари. А тоа е значително зголемување, над 50 проценти, во однос на она што беше пред седум години. Пензиите се зголемени за 50 отсто. Студентскиот стандард е унапреден, има оброк за секој студент. Голем број теми се решаваат, посочува тој.

Во однос на борбата против криминалот, ги посочи податоците на МВР, според кои откривањето на такви дела е зголемено за 50 проценти во изминатите неколку години.

-Само минатата година има над 168 поединци и правни лица кои се идентификувани како сторители на прекршоци од висока корупција и се процесирани до обвинителските и до правосудните органи. И тука доаѓаме до поделбата на власта - не може Владата да ги одговори прашањата кои се во домен на правосудните власти. Последното нешто што треба да се има предвид е Оценската мисија на ЕУ во делот на Судскиот совет и каде што има над 40 препораки што ќе треба да станат дел и од Акцискиот план во делот на владеењето на правото. Сите тие 40 препораки ја имаат мојата поддршка, наведе Ковачевски на прес-конференцијата за за поддршката на компаниите преку Развојната банка за економскиот раст на државата. нд/ац/

 

 

Остани поврзан