• среда, 25 декември 2024

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ да не бара изговори, да ги исполни обврските за техничка влада

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ да не бара изговори, да ги исполни обврските за техничка влада

Скопје, 17 декември 2023 (МИА) - Она што е важно за да го продолжиме европскиот пат е завршувањето на процесот на уставните измени. Тие се дел од Преговарачката рамка со ЕУ, тоа е единствениот предуслов за државата да продолжи напред. Секое одложување е погубно за државата, значи неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство. И затоа е ова најважното прашање во овој момент за македонските граѓани и за иднината на нашата држава. Затоа што директно се однесува на перспективите на граѓаните, порачува претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Премиерот Ковачевски во интервјуто за неделниот весник Фокус посочува на досегашните придобивки за граѓаните од интеграциските политики на оваа Влада, наспроти изолациските политики на претходната.

-Се виде во 10-годишниот режим, што значи да сме изолирана држава, кога, сѐ, не само што стоеше во место, туку одеше назад. А, гледате денес, каков историски раст има на минималната плата, на просечната плата, на пензиите, на странските директни инвестиции, на капиталните инвестиции. Сето тоа се должи на постигнувањата изминативе пет и пол години и интеграциите, прво со членството во НАТО, а од минатата година и со започнатите преговори ЕУ, оцени премиерот.

Претседателот на Владата ја потенцира неповторливоста на шансата што ја има земјава за конечно да ја реализира европската стратешка цел и поддршката и ваквите очекувања од стратешките партнери.

-Се наоѓаме во неповторлив контекст за пробив во европските интеграции и конечно остварување и на втората наша стратешка цел, во услови кога и ние сме ѝ потребни на Унијата, а не само таа нам, заради потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент. Се покажавме како фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и со успешното претседавање со ОБСЕ и со членството и придонесот во НАТО. Затоа сега, партнерите од САД и од ЕУ, очекуваат од нас мудар потег во овој важен глобален контекст, вели Ковачевски.

Тој потсетува дека стигнале и директни пораки дека со кочничари на демократскиот, европски развој на Северна Македонија, нема да се соработува.

-Затоа, уставни измени ќе има, затоа што тоа е интерес на граѓаните и на Република Северна Македонија. Ние секогаш играме со отворени карти и со нас граѓаните знаат на што се. Изворот на драмите што ги гледаме изминатиов период е во редовите на опозицијата, којашто во својата дезориентација не знае каде тера, се скара со сите дома, со целиот демократски свет. Северна Македонија ќе продолжи напред. Но со штетниот квазинационализам оваа партија ќе биде изолирана, на долг рок, додека не соберат сила внатре, да се реформираат, констатира премиерот Ковачевски.

Според него, партијата којашто зборува три години само за избори не треба да бара изговори и алиби за поразот, туку треба да си ги исполни обврските согласно закон.

-Прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада го гледам од два-три аспекти. Прво, се работи за законско решение кое треба сите партии да го испочитуваат. Второ, партијата којашто зборува само за избори сега не треба да бара изговори, да не бара алиби од било каков тип. Трето, неодговорно е да фрлаат дамка на целиот изборен процес, односно, не треба да си бараат изговори за поразот. Нив очигледно им е јасно дека не можат да го остварат тоа што го зборуваат по телевизии, вели Ковачевски.

Но, додава тој, она што го знаат и тие, а и целата јавност искуствено, е дека техничка влада за нив не е поволна состојба, затоа што, како што вели, нивните кадри во техничките влади се покажале како исклучително лоши и неефикасни. 

На парламентарните избори, како што посочува, победник ќе биде проевропската коалиција, а тој ќе биде мандатарот на таа влада и со таа проевропска Влада, во следниот мандат, Северна Македонија ќе биде земја членка на Европската Унија.

-Тоа е моето ветување, желбата на мнозинството наши граѓани која преземам обврска да ја остварам, за доброто на целиот наш народ. Ние подадовме рака на сите проевропски, демократски сили, вратата е отворена, да ја оствариме заеднички целта – Северна Македонија, земја членка на ЕУ. Националистичките наративи се резервирани за оние кои немаат што друго да понудат, кои немаат ниту визија, ниту идеја, ниту програма. ВМРО-ДПМНЕ така владееја 11 години, легитимно е рaзмислувањето дека тие повторно би прибегнале кон националистички наративи. Но, сметам дека општеството нема ги прифати, веќе е видено колку се тие проѕирни и штетни, вели Ковачевски.

Во интервјуто Ковачевски зборува и за европскиот фронт кој како иницијатива бил покренат уште минатата година и чија цел е обединување околу европскиот пат на земјата.

-Тоа е политички концепт кој во својата суштина е државнички концепт за иднината, визија која ја делиме. На овој концепт гледам како на потреба на земјата заради нејзината иднина. По лидерската средба и формалната покана за формирање на широк Европски фронт кон сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството во ЕУ е логичен след, продолжение. Во оваа насока ги повикавме сите политички субјекти, граѓански организации и здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и сите кои иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ, да придонесат и да се приклучат во Европскиот фронт, потенцира премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски. вг/ бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан