• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски - Вархеји: Почетокот на преговорите за Северна Македонија не смее да чека ни ден повеќе

Ковачевски - Вархеји: Почетокот на преговорите за Северна Македонија не смее да чека ни ден повеќе
Скопје, 28 февруари 2022 (МИА) - Европската интеграција на Северна Македонија не смее да се одлага ниту ден повеќе и затоа е неопходно да се искористат француското претседателство и поволниот амбиент кој постои во моментов за изнаоѓање решенија, порачаа премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји на денешната средба во Лондон, која беше дел од работната агенда за учество на Инвестицискиот самит на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот Фатмир Бесими, премиерот Ковачевски и комесарот Вархеји се согласија дека се создадени услови за забрзување на процесот на наоѓање решенија на релација Скопје - Софија. Како што соопшти владината прес служба, во разговорот беше истакнато дека Западниот Балкан е европски регион и дека интеграцијата на земјите од овој регион подразбира и нивно членство во Европската Унија. На економски план, премиерот Ковачевски ја истакна одличната соработка со ЕБОР која со поддршката на големите инфраструктурни проекти го следи развојот на Северна Македонија и учествува во забрзувањето на процесите за постигнување на европските стандарди, како една од главните цели на политиките на финансиските институции на ЕУ. Премиерот Ковачевски на средбата нагласи дека во контекст на новите глобални предизвици со кои се соочува светот, Владата внимателно ја следи и ги презема сите активности за да се одржи постоечката поддршка на странските и домашните инвестиции, како и да се  елиминираат потенцијалните негативни ефекти врз економска активност во земјата. Во однос на утврдувањето и развојот на стратешките инвестиции на полето на енергетска транзиција во државата и решавање на предизвиците од енергетската криза, еврокомесарот Вархеји најави соодветна поддршка за Северна Македонија преку европските институции. вј/сп/

Остани поврзан