• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски-Варадкар: Приклучувањето во ЕУ е важно за регионалната безбедност на Балканот, но и за пошироката безбедност на Европа

Ковачевски-Варадкар: Приклучувањето во ЕУ е важно за регионалната безбедност на Балканот, но и за пошироката безбедност на Европа

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Сите алтернативи кои се нудат наспроти членството во Европската Унија се утопии кои не можат да дадат ниту приближен резултат на она што го дава членството во Унијата. Дали ќе стигнеме до таа цел сега зависи само и единствено од нас. Останува последниот чекор, одлуката нема да е лесна иако е техничка, порача премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по средбата со неговиот ирски колега Лео Варадкар во Скопје.

Нагласи дека ако некој сака да компарира што значи земја пред влегување во ЕУ и по влегување најдобро е да го земе примерот на Ирска која доживеа економска и социјална трансформација токму по влегувањето во Унијата.

-Ако некоја земја се развила по влезот на ЕУ тоа е Ирска. Ирска е наш силен партнер и поддржувач на нашата европска интеграција. Денеска разговаравме со премиерот и за нашата интеграција и за напредокот на реформите и конкретно имплементирање на проекти и за нашите конкретни чекори кои ги преземаме. Процесот на реформи ќе продолжи и ќе финишира со зачленување во ЕУ. Токму Ирска најдобро разбира дека идентитетот и јазикот се две важни карактеристики на секој народ и Ирците многу добро знаат со какви предизвици се соочуваме, бидејќи и тие во други околности и во друго време поминаа низ еден таков сличен процес, рече Ковачевски на денешната заедничка прес –конференција во Владата.

Посочи дека еден од најголемите поддржувачи на нашите европски интеграции е токму премиерот на Ирска и Ирска. Со Ирска како што кажа од 1994 година до денеска развиваме добро ниво на политички дијалог, а токму и за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година ние ја поднесовме апликацијата за членство во ЕУ и оттогаш добиваме континуирана и гласна поддршка од Ирска.

Ирскиот премиер Варадкар рече дека е чест да се биде првиот ирски премиер кој доаѓа во официјална посета на земјава.

-Мојата денешна посета на Северна Македонија и претходно на Косово и на Црна Гора ја покажува заинтересираноста на Ирска да му помогне на регионот на патот кон ЕУ интеграција. Сметам дека приклучувањето во ЕУ е важно за регионалната безбедност на Балканот, но и за пошироката безбедност на Европа. Луѓето од регионот ќе имаат придобивки од членството во ЕУ како што имаше и Ирска. Секогаш го поддржуваме проширувањето на ЕУ и се радуваме да ја пречекаме Северна Македонија како идна членка. Се надевам дека напредокот во пристапните преговори ќе забрза, бидејќи 10 години ни една земја не се приклучила кон ЕУ и сметам дека тоа треба да се промени. Подготвени сме да помогнеме онаму каде што можеме, особено во врска со реформите, рече Варадкар.

Нагласи дека има мошне топли билатерални односи меѓу двете земји и додаде дека има потреба од унапредување во делот на трговијата која беше само 20 милиони евра во минатата година.

-Мислам дека можеме да ја зголемиме трговијата, но и да воспоставиме и образовни и туристички врски, рече Варадкар.

Како што рече Ковачевски, постои можност за соработка во информатичката технологија, телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот. Ирска, како што кажа, е увозник на наши земјоделски производи, а ние од Ирска увезуваме производи од телкомуникациската и фармацевтската индустрија. вј/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан