• недела, 01 септември 2024

Ковачевски: Апасиев и Мицкоски заедно сакаат да ја однесат земјата во амбис

Ковачевски: Апасиев и Мицкоски заедно сакаат да ја однесат земјата во амбис
Гостивар, 15 ноември 2022 (МИА) - Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанска трибина во Гостивар зборувајќи за актуелната политичка ситуација во земјава како закана за движењето по европскиот пат ја посочи опозицијата и нејзините лидери - Димитар Апасиев од Левица и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Осврнувајќи се на почетокот на скринингот и пристапните преговори, Ковачевски предупреди дека постои закана за движењето на државата по европскиот пат, а лидерот на Левица го окрактеризира како „пироман во политиката“. - Постои вистинската опасност за продолжување на европскиот пат на нашата држава. Таа опасност доаѓа од една политичка партија, која што во својата програма се противи на ЕУ, на членство во НАТО. Таа политичка партија е Левица и нејзиниот претседател Димитар Апасиев, рече Ковачевски. Според него, таа опасност е поголема, бидејќи како што напомена, Апасиев „го има земено во заложништво Христијан Мицкоски“. - Мицкоски е слаб, без став, без визија. А човек без став, визија и без одлучност лесно може да биде земен во заложништво. Токму тоа се случува во моментов во македонската опозиција. Имаме идеолошко обезличување на ВМРО-ДПМНЕ, дејствување без компас со единствена цел, да и се наштети на земјата, рече Ковачевски. Првиот социјалдемократ смета дека Апасиев и Мицкоски заедно сакаат да ја доведат земјата „до раб на амбис“ и тоа, како што нагласи, не смее да им се дозволи. Гаранција за стабилност и сигурна иднина, рече Ковачевски, е државата да продолжи по патот на интеграциите се до полноправно членство во ЕУ. - Секое утро да се будите со лажно чувство на гордост, но со празен стомак. Ова е промената што тие ја нудат и затоа граѓаните, ќе им речат не. Јас и сите вие овде не смее да дозволиме да го прекинат европскиот пат на државата, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашната трибина во Гостивар. згм/сп/

Остани поврзан