Ковачевски: Поддршката на земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата
- Со капитални инвестиции во изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување и со мерките од „Национален план за производство на храна“ ќе обезбедиме максимално искористување на сек
Скопје, 28 август 2022 (МИА) - Со капитални инвестиции во изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување и со мерките од „Национален план за производство на храна“ ќе обезбедиме максимално искористување на секоја педа обработливо земјоделско земјиште за зголемување на домашното производство на храна во време на криза.
Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска во Општина Ранковце присуствуваше на пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“, организиран и модерен систем за наводнување на земјоделските површини со што се обезбедува одржливо производство за земјоделците од регионот.
Премиерот Ковачевски, упати благодарност до делегацијата на Европската Унија со чија финансиска поддршка во вредност од близу 1,8 милиони евра е изграден системот, како дел од проектот на ИПА за изградба на мали нискотрошковни системи за наводнување во повеќе региони во државата, чија што вкупна вредност е околу 10 милиони евра.
– Постоечкиот систем за наводнување беше нефункционален, со минимален капацитет за наводнување од само 40 хектари. Сега со новиот систем ќе се наводнуваат 200 хектари обработливо земјоделско земјиште кое го обработуваат околу 500 домаќинства од селата Псача, Петралица и Гиновци, подвлече Ковачевски.
Тој посочи дека системот ќе придонесе за рационално искористување на водата од Крива Река, со што се обезбедува достапна вода за наводнување на земјоделските посеви во текот на целата година, што ќе влијае на подобрување на земјоделското производство во квантитет и во квалитет.
– Крајниот резултат е да се обезбеди што повеќе храна, особено за време на криза, истакна Ковачевски, додавајќи дека системот „Славишко поле“ е само една од многуте инвестиции на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тој потсети дека во изминатите пет години ресорното Министерство вложува во капитални инвестиции во изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување, чија вредност е близу 230 милиони евра.
- Првпат донесовме „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза, и планот веќе се реализира. Тоа се мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште, за да произведат повеќе, рече Ковачевски, нагласувајќи дека предвидените мерки на среден рок ќе придонесат за зголемување на домашното производство на пченица за околу 30.000 тони.
Премиерот Ковачевски нагласи и дека ова значително ќе влијае врз намалување на увозот и дека поради очекуваната тешка зима, земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата.
Во обраќањето на настанот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски изјави дека системот за наводнување „Славишко поле“ ќе им овозможи на земјоделците за тројно да го зголемат производството и никогаш повеќе да не се грижат како да донесат вода на нивите.
- Системот е проектиран да работи под притисок, со што ќе овозможи користење на прскалки или системи за наводнување капка по капка, со што се постигнува висока ефикасност на наводнувањето. Нема да има загуби на вода што е од исклучително значење заради заштита на животната средина и сѐ поголемите влијанија на климатските промени. Тоа е модерно земјоделство! Не само да се обезбеди вода, туку при тоа да се запазат сите стандарди за зачувување и грижа за обновливите извори на енергија, да не се нарушува биодиверзитетот и да не се уништува природата, за да може и понатаму изворот на Крива Река кој е високо на Осоговските Планини и понатаму да му дава живот на целиот регион низ кој поминува реката, рече Николовски.
Претставникот од делегацијата на Европската Унија Феручо Бого нагласи дека системите за наводнување не носат само социо-економски придобивки, туку воедно помагаат во заштитата на животната средина, зачувување на водните ресурси и нивно ефикасно користење.
- Во согласност со Зелениот договор на Европската Унија, секоја економска активност, вклучително и земјоделството, мора да ја почитува животната средина. Мораме да дадеме се од себе во ова, пред да биде предоцна. Земјоделството што ги почитува зелените принципи, насекаде вклучително и во Северна Македонија, е клучно за постигнување на амбициозната цел за климатско неутрална Европа. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија и македонскиот народ во овој и во другите заеднички потфати, рече Бого. вг/сп/
https://www.youtube.com/watch?v=N-I2HjssURo
https://www.youtube.com/watch?v=EBRLBcSvNis