• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски: Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Северна Македонија

Ковачевски: Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Северна Македонија
Крушево, 2 август 2022 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање од Мечкин Камен по повод Денот на Републиката порача дека Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Република Северна Македонија. Даваме збор, додаде тој, дека илинденската и асномската идеја за светла и перспективна македонска иднина, ја имаат пред себе и генерациите на денешнината и од неа нема назад, има само напред. Сега е време, порача Ковачевски, за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред се за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава. -Како илинденците и како асномците во 1944 година и денес во 2022 година во различно време но повторно заедно и повторно со иста цел пред себе, светла иднина, сигурност, и перспективи, рече Ковачевски. Честитајќи го празникот, премиерот рече дека денеска на Мечкин Камен стоиме исправено во чест на нашето минато и оддаваме длабока почит на илинденците кои пред повеќе од еден век ја создадоа Крушевската република заснована врз длабоки демократски принципи и еднаквост „и даваме збор, идејата илинденска и асномска за светла и перспективна македонска иднина и генерациите на денешнината ја имаат пред себе и од неа нема назад, има само напред“. -Водени од погледот кон иднината на илинденците и асномците создадовме слободна, суверена, независна и самостојна Македонија со сопствен и неоспорен идентитет. Уште одѕвонуваат зборовите на нашиот претседател Киро Глиговор од таа вечер: Ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија со којшто е објавено и потврдено на сонот за слободна и самостојна држава, рече, меѓу другото премиерот. Овие зборови, посочи, ќе останат запаметени во историскиот континуитет на македонската држава.  Премиерот исто така нагласи дека водени од заедничката борба во која животи се положувале за сестрите и браќата од сите народи на ова парче земја, се обединивме од сите етнички заедници во едно и еднакво општество за сите. -Визијата на револуционерите кои се издигнале над своето време Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, на Никола Карев општо на Крушевската Република за обединување, еднаквост, правичност и праведност, перспективност е аманет којшто обврзува секого кој и мисли добро на својата земја Република Северна Македонија.Да се почитува великанот Гоце Делчев значи да се сфати неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите и така да се дејствува, рече Ковачевски. Илинденците од АСНОМ јасно порачаа, додаде тој, дека каква Македонија ќе изградиме таква ќе ја имаме. -Ние денес инспирирани од визионерите Илинденци и АСНОМ-ци градиме современа, прогресивна, економски развиена Република Северна Македонија. Градиме земја на пријателства и соживот. Тоа е она по кое светот нас не препознава. Со таа мисла и во тој дух денес гордо стоиме рамо до рамо со нашите пријатели, сојузници и партнери во НАТО и во ЕУ. Делиме исти вредности, а ќе делиме и европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености и европска иднина во која што има место за сите, нагласи премиерот од Мечкин Камен. Ковачевски рече дека сегашните генерации ќе ја имаат можноста да го посведочат денот кога со полноправно членство, македонскиот јазик ќе е дел од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на ЕУ. -Сонот македонскиот јазик да се чуе надалеку, да го запознаат, чујат и да оживеат земји и култури коишто никогаш досега немале допир со него ќе стане стварност. Нашата генерација ќе има можност се што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција да го втемели во основите на големото европско семејство правејќи го побогато и поразнолико, вистинско обединето во различностите. Поголемо признание и можност за развој на се она што е македонско не постои. Не постои поголем патриотизам од носењето државнички одлуки. Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други поинакви битки за развој и просперитет на сите граѓани подеднакво, рече премиерот Ковачевски. Нашиот поглед денес, како што кажа, е свртен кон иднината исто како и погледот на Илинденците во 1903, во 1944 година и во 1991 година. Премиерот од Мечкин Камен повика на обединување не само по етничка и верска припадност туку и по политичките определби а приоритет да бидат државните интереси и интеграцијата во европското семејство. -Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред се за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава. Како што успеавме да се обединиме независно од нашата етничка и верска припадност, нашата заедничка должност е да се обединиме и независно од политичките определби како Илинденците и АСНОМ-ците и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети и во времето на Илинден и во времето на АСНОМ и денес се напредок на државата, рече Ковачевски. Според него, нема поголем државен приоритет од патот напред којшто носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. -Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување на генерациите на денешнината за остварување на оваа стратешка државна цел. Нејзините корени се во Илинден и затоа Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина, рече Ковачевски. Време е, како што кажа, новото Сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон. -Ние никогаш нема да заборавиме кои сме, од каде доаѓаме и од што сме направени, а тоа ќе е нашата сила храбро да зачекориме и да отвориме ново поглавје во македонската историја. Нека им е вечна слава на Илинденците, нека ни е честита слободата и Републиката, рече премиерот Ковачевски во обраќањето на Мечкин Камен во Крупево по повод Денот на Републиката.   На Мечкин Камен, во рамки на одбележувањето, цвеќе положија бројни делегации. ев/ем/

Остани поврзан