• среда, 25 декември 2024

Од обврските што земјата ги има кон ЕУ не смее да се прави дневна политика, смета Ковачевски

Од обврските што земјата ги има кон ЕУ не смее да се прави дневна политика, смета Ковачевски

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Од обврските што земјата ги има кон Европската Унија во интеграцискиот процес не може и не смее да се прави дневна политика и тие да бидат предмет на уцена, смета премиерот Димитар Ковачевски.

- До целосното зачленување во ЕУ, нашата држава треба да донесе одредени одлуки кои се однесуваат на исполнување на критериуѕмите од ЕУ и обврските од Преговарачката рамка која е усвоена со заклучоци од страна на македонското Собрание со мнозинство гласови. Од тие обврски не може да се прави дневна политика бидејќи и до крајот на зачленувањето ќе имаме уште одлуки кои што ќе треба да се носат со две третини во Собранието, истакна вечерва Ковачевски во интервју за телевизија „Сител“.

За уставните измени за кои исто така е потребно двотретинско мнозинство, Ковачевски рече дека овие измени и се потребни на државата и дека за разлика од претходно кога сме имале вето од други, сега за првпат можеме самите себеси да се блокираме. 

- Ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со Европската унија. Преговараме врз основа на критериуми и скринингот којшто кога ќе заврши, целата јавност ќе се увери што како држава треба да направиме како реформи во сите области, рече Ковачевски.

Вели дека нови услови од Бугарија не може да има затоа што Преговарачката рамка и критериумите за влез во Европската унија се многу јасни. Очекува дека по завршувањето на изборниот процес во Бугарија и по изборот на новата Влада, односите меѓу двете држави ќе се вратат на едно нормално ниво.

- Имаме односи меѓу институциите со Бугарија кои се на ниво кое одговара на земји соседи и земји членки на НАТО, но сепак и во Бугарија, и кај нас, има политички партии, поединци и групи кои не сакаат тие односи да бидат на добро ниво бидејќи не сакаат да го видат регионот како дел од Европската унија, нагласи Ковачевски.

За информациите дека е оштетен бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје, Ковачевски рече дека МВР ќе излезе со детали, но дека не се работи за настан кој има политичка заднина. 

- Уште утринава разговарав со министерот за внатрешни работи. Нормално е да објасни што се случило. МВР ќе излезе со детали. Најверојатно се работи за кражба на еден монитар, така што не се работи за настан кој има политичка заднина, рече Ковачевски. бак/

Фото: Влада

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан