• четврток, 26 декември 2024

Кобахидзе е подготвен за ресетирање на односите со САД по запирањето на помошта од 95 милиони долари за Грузија

Кобахидзе е подготвен за ресетирање на односите со САД по запирањето на помошта од 95 милиони долари за Грузија

Тбилиси, 1 август 2024 (МИА) - Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе денеска предложи „ресетирање“ со цел да се подобрат односите со САД, откако Вашингтон ја прекина помошта од над 95 милиони долари поради загриженоста за состојбата на демократијата во кавкаската земја.

„Што се однесува до грузиско-американските односи - чекаме. Ние сме целосно подготвени да ги ресетираме односите. Главната работа е да ги одредиме следните чекори“, рече Кобахидзе.

Грузија пролетта се соочи со криза поради усвојувањето на законот за „странски агенти“, кој денеска стапи на сила.

Паузата во американската помош, најавена вчера од државниот секретар Ентони Блинкен, е резултат на ревизијата на билатералната соработка што започна во мај, заедно со визните ограничувања за некои грузиски граѓани.

„Антидемократските акции и лажните изјави на грузиската влада се некомпатибилни со нормите за членство во ЕУ и НАТО“, рече Блинкен, додавајќи дека Вашингтон ќе продолжи да дава одредена помош за Грузија.

Кобахидзе денеска ги повтори тврдењата на Владата дека таквите ограничувања претставуваат „уцена“ и дека разговорите за дополнителни санкции против Грузија се „контрапродуктивни“.

„Наместо уцени и закани, треба да имаме здрав разговор за подобрување на односите, нивно рестартирање“, рече Кобахидзе. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан