• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Коалиција на подготвените: Имаме план со четири цели

Коалиција на подготвените: Имаме план со четири цели

Брисел, 10 април 2025 (МИА) – Министрите за одбрана на 30 земји денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествуваа на состанокот на Коалицијата на подготвените, која се обидува да и помогне на Украина во одбранат од руската агресија и да договори безбедносни гаранции по постигнувањето на мировен договор.

Домаќини на денешниот состанок беа британскиот и францускиот министер за одбрана,  Џон Хили и Себастијан Лекорну.

Хили на почетокот на средбата истакна дека во изминатите недели 200 воени планери од 30 земји работеле на плановите да бидат подготвени за обезбедување на иднината на Украина по мировниот договор. 

Сакаме да ја ставиме Украина во најсилна можна позиција за да го заштитиме нејзиниот суверенитет и да ја одвратиме секоја понатамошна руска агресија, посочи Хили.

Тој додаде дека овие планови имаат јасни цели. Првата е да се обезбеди безбедно небо, втората е безбедно море, третата е безбедност на копно, а четвртата цел е да се поддржат украинските вооружени сили да станат најсилно можно средство за одвраќање, додека силите испратени од некои од земјите од Коалицијата на подготвените би биле гаранција дека секој договорен мир ќе биде постојан.

Претставници од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјавија дека десетина држави се подготвени да испратат војници во Украина.

Во Коалицијата на подготвените поголемиот број се европски држави, но учествуваат и Канада и Австралија. 

Утре, исто така, во седиштето на НАТО ќе се собере контакт групата за одбрана на Украина, кога се очекува најава за дополнителна воена помош за таа земја. Таа контакт група ја водеа Американците во времето на поранешниот претседател Џо Бајден, а сега со состанокот ќе претседаваат Велика Британија и Германија, а американскиот министер за одбрана треба да се приклучи преку видео врска. ми/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан