• понеделник, 18 ноември 2024

Коалиција „Менуваме“ со протестен марш бара преговарачка рамка со институциите за инклузија на лицата со попреченост

Коалиција „Менуваме“ со протестен марш бара преговарачка рамка со институциите за инклузија на лицата со попреченост

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) – Во Скопје денеска се одржа протестен марш под слоганот „И ние сме деца на Македонија“ во организација на Коалицијата „Менуваме“. Целта на овој настан беше да се привлече вниманието на јавноста кон лицата со попреченост и да се наметнат приоритети за нивна поддршка и инклузија во општеството преку преговарачка рамка со надлежните институции.

Како што информираше Суарет Алиша од Коалицијата „Менуваме“ маршот се организира со цел Владата да им овозможи преговарачка рамка во која ќе бидат вметнати сите недостатоци.

- Маршираме како резултат на апсурдот што се случуваше месеци наназад со доцнењето на исплатата на персонална асистенција од страна на државата. Денеска сме тука да бидеме видливи со цел властите да нѐ разберат. Исплатени се два месеци, септември не е исплатен. Бараме од Владата веднаш и сега да имаме преговарачка рамка во која сакаме да ги внесеме сите недостатоци, недоречености и намери кои Министерството за социјална политика, демографија и млади има намера да ги направи, рече Алиша.

Дополни дека согласно новиот Закон е предвидено лицата со попреченост да плаќаат 20 часа за асистент што, според нив, е недозволиво бидејќи, како што рече, лицата со попреченост се социјална група.

- Тука сме да покажеме дека и ние сме деца на Македонија, да пратиме порака до државата да можат да нѐ разберат. Заедно со Црвениот Крст како најуспешен провајдер на асистенти имаме предлог решенија со цел да ги заштитиме асистентите да не бидат обесправени. Предлагаме формирање на мешовита установа водена од Црвениот Крст. Нашата цел е асистентите да можат да добиваат по 22 500 денари, согласно законот кој предвидува хонорарот на асистентите да не биде под минималната плата. Предлозите ги поднесовме вчера до Собранието, Владата и претседателката на државава, дополни тој. 

Маршот започна пред Собранието, а заврши пред Владата. Учесниците бараа социјална правда, рамноправност и крај на дискриминацијата.

За време на маршот во центарот на Скопје беше воведен посебен сообраќаен режим. 

Целата фотогалерија од настанот можете да ја погледнете тука. ар/бак/


Фото: МИА 

 

Остани поврзан