Книжевно претставување на Османли во Србија, во рамките на 20 години од „Форумот на словенски култури“
- Со повеќе работни активности и свечености, деновиве во Белград и во Ужице се одбележа 20 годишнината од меѓународниот издавачки проект „100 словенски романи“. Организатори на настанот се директорката на институцијата „Форум на словенски култури“ Андреа Рихтер од Словенија и српскиот министер за култура Никола Селаковиќ.
Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Со повеќе работни активности и свечености, деновиве во Белград и во Ужице се одбележа 20 годишнината од меѓународниот издавачки проект „100 словенски романи“. Организатори на настанот се директорката на институцијата „Форум на словенски култури“ Андреа Рихтер од Словенија и српскиот министер за култура Никола Селаковиќ.
По тој повод, вчера во Народната библиотека во Ужице се претставија книжевните портрети на пет истакнати писатели, словенечкиот автор Владо Жабот, македонскиот прозаист Томислав Османли, бугарската авторка Здравка Евтимова, како и српските писатели Владан Матијевиќ и Петар Матовиќ.
Писателите, чии дела се објавени во рамки на проектот „100 словенски романи“ пред публиката се претставија со читања одломки од сопствените романи, секој на својот јазик и низ актерски интерпретации на нивни дела на српски јазик, а потоа и со искази за својата литературна дејност.
Како што соопштија организаторите, Османли прочита фрагмент од својот роман „Бродот. Конзархија“ со поднаслов „Холограф“, кој во 2016 година го објави скопскиот „Магор“, во 2022 година српскиот издавач „Агора“ од Нови Сад, а годинава и московскиот издавач „Рудомино“.
На српски јазик беше прочитана и одломка од неговиот роман „Зад аголот".
Истиот ден се одржа и промоција на Наградата „Жива“ која годишно им се доделува на избраните музеи на членките на „Форумот на словенските култури“ во кој меѓу седумте главни учесници, со забележан исказ и презентација настапи и кустосот Маја Чанкуловска-Михајловска, која ја претстави богатата слика и дејност на најпрестижниот македонски музеј, Националната галерија во Скопје.
Наградата „Жива", што се додечува за квалитетна музејска дејност и иновативност, годинава ја одбележа првата деценија од доделувањето.бт/са/
Фото: Томислав Османли