• петок, 27 декември 2024

Книжевниците Томислав Османли и Шкељзен Халими на балканска писателска средба во Солун

Книжевниците Томислав Османли и Шкељзен Халими на балканска писателска средба во Солун

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Писателите Томислав Османли и Шкељзен Халими од нашава земја ќе учествуваат на вториот по ред балкански книжевен собир што ќе се одржи денеска и утре во Солун.

Втората по ред средба на балканските писатели и литературни преведувачи, ќе се случува како преттекст на 20 Меѓународен саем на книгата на Солун. Организацијата на книжевниот собир е на Градот Солун, Грчката фондација за култура и Друштвото на писателите од Солун.

Вториот Балкански конгрес на писатели и литературни преведувачи, како што оваа средба ја именуваат организаторите, според Османли, претставува случување  широко отворено кон богатиот балкански културен колорит, кон мноштвото јазици, автори, книжевни дела и објави, како и кон значењето на преводното творештво што го овозможува меѓусебното запознавање преводна размена на литературите на балканскиот полуостров.

Координатор на собирот во Солун е книжевно - преведувачката организација Literatus Media чијшто прв човек Ставрос Дагиос е, инаку, автор на „Антологијата на балканското расказно творештво“, пред две години објавена во Грција, во која за разлика од поранешните слични објави во Грција, се вклучени раскажувачи и расказните творештва од буквално сите земји на регионот. Така, во неговата објава беа застапени осуммина македонски раскажувачи, меѓу другите и двајцата, годинава поканети писатели од земјава, Халими и Османли.  

Ова е, инаку, трето присуство на Томислав Османли на големиот Меѓународен саем на книгата што по 20. пат, деновиве ќе се случува во Солун,  соседна Грција.

На втората по ред меѓубалканска средба на литературните автори, според Османли, се очекува богата размена на мислења за заедничките балкански културни и други вредности, за искуства и предлози за заемни соработки и засилување на меѓусебните книжевни преводи, на тие начини и за градење мостови за соработка на сродниот, но и различен балкански културен простор.  вг/мд/

Фото: МИА Архива/Постер

 

Остани поврзан