Книжевен портрет на писателката Ленче Стоименова во Домот на култура во Делчево
- Во Домот на културата „Никола Ј. Вапцаров“ во Делчево денеска ќе се одржи книжевен портрет на писателката и афористичарка Ленче Стоименова.
Делчево, 16 декември 2025 (МИА) – Во Домот на културата „Никола Ј. Вапцаров“ во Делчево денеска ќе се одржи книжевен портрет на писателката и афористичарка Ленче Стоименова.
Како што стои во соопштението на организаторите, настанот е посветен на разновидното творештво на Стоименова, која пишува афоризми, сатирично-хумористични текстови, драми за деца и возрасни, поезија и проза, како и кратки текстови за скечеви, а се занимава и со карикатура. Соработувала со весникот за хумор и сатира „Остен“, а нејзини афоризми се објавувани и во „Шипак“, „Носорог“, „Макс Минус“, „Трудбеник“, „Инфо Кочани“, како и на повеќе регионални и онлајн платформи. Член е на Белградскиот афористички клуб и учесник на бројни фестивали за сатира и хумор во регионот, меѓу кои „Сатирафест“ во Белград, „Жаока“ во Качарево, „Крива Дрина“ во Зворник и „Вук Безаревиќ“ во Пљевља.
– Стоименова е застапена во Антологија на македонскиот и Антологија на балканскиот афоризам, коавтор е на повеќе од 30 книги од областа на сатирата и поезијата, а досега има објавено 18 самостојни и уреднички изданија. Имала промоции на книги во Скопје и изложба на карикатури, а добитник е на повеќе високи домашни и меѓународни награди, меѓу кои и признанија за животно дело и највисоки фестивалски награди, стои во соопштението. ра/мд/
Фото: МИА архива