• недела, 24 ноември 2024

Книга по повод 30 години од воспоставувањето на македонско-турските дипломатски односи

Книга по повод 30 години од воспоставувањето на македонско-турските дипломатски односи
Скопје, 26 август 2022 (МИА) - По повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција,  Институтот за јавни политики ја објави  книгата „Цивилизациските темели на геополитиката на Балканот низ призмата на македонско-турските односи” од авторката д-р Фатима Салифоска. Монографијата е структурирана во вовед, четири тематски поглавја, заклучни согледувања и прилог. Трудот ги истражува теориите на геополитиката, историскиот развој на турската држава во меѓународните односи, како и позиционираноста на Република Турција во геополитичките текови. -Монографијата нуди аргументирани одговори на неколку клучни прашања за тоа кои се цивилизациските темели на геополитиката на Балканот и на кој начин влијаат врз македонско-турските односи, причините за силниот и интензивен развој на македонско-турските односи во минатото и денес, како и тоа дали постои можност за подобрување на македонско-турските односи и во која насока и мера тие би требало да се развиваат, соопшти издавачот на книгата. Д-р Фатима Салифоска е политиколог со повеќегодишното работно искуство во јавниот и во приватниот сектор. Како проектен координатор, проектен асистент, истражувач, фасилитатор и модератор учествувала во реализација на неколку проекти поддржани од меѓународни организации. Од 2021 година  е вработена во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје. Авторка и коавторка е на три книги и десетина статии во релевантни научни и стручни списанија на македонски, англиски, албански, турски и на српски јазик. Република Турција официјално ја призна Република Македонија на 6 февруари 1992 година под нејзиното уставно име и беше меѓу првите земји која назначи свој амбасадор. Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Турција беше склучен на 26 август 1992 година во Лондон. хс/дма/

Остани поврзан