Книгата „Кон езерото“ од Капка Касабова преведена на македонски јазик
- Од печат излезе преводот на книгата „Кон езерото“ од Капка Касабова како засебно, специјално издание на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Преводот од англиски на македонски јазик на делото е на Бран
Скопје, 28 август 2022 (МИА) – Од печат излезе преводот на книгата „Кон езерото“ од Капка Касабова како засебно, специјално издание на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
Преводот од англиски на македонски јазик на делото е на Бранислав Мирчевски.
Краткиот вовед во книгата гласи: „Охридското езеро е од оние места на Земјата што те тераат да се чувствуваш како нешто судбинско да те очекува. Како одамна да требало да дојдеш и затоа не можеш да поверуваш дека доцниш толку многу време.“
Од ВИДИ-ВАКА во своето соопштение пренесуваат дел од критичките осврти на книгата.
- Поетската вештина на Касабова се огледува во кусите фрази, наситени со смисла, како и во склоноста да ја препознава смислата на сите симболи. Кон Езерото е прекрасно напишан текст, покана да се восприми идејата дека заедничкото меѓу луѓето на Балканот – а всушност и меѓу сите луѓе по светот – е повеќе од она што ги дели и разделува, оценува „Фајненшл Тајмс“.
- Прозата на Касабова подеднакво е магична и предизвикувачка и остра. Како што ги раскажува приказните на своите предци, низ историјата на земјата, која ги формирала, таа го претвора конкретното во универзално канејќи ги сите читатели да размислат врз значењето на „паметувањето“, идентичноста и местото во поширок контекст на човечкото постоење, наведува „Ајриш Тајмс“.
Капка Касабова е повеќежанровска писателка. Нејзини најпознати прозни книги се „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013) и двете книги од балканската трилогија „Граница“ (2017) и „Кон езерото“ (2020). Капка Касабова е родена во Софија во 1973 година, а на 18-годишна возраст емигрирала со семејството во Нов Зеланд, каде што студирала и ги објавила првите поетски книги на англиски јазик. Од 2005 година живее во Шкотска. Бабата на Капка, Анастасија Бахчеванџиева, потекнува од стари охридски семејства и таа е основата на книжевното патување кон езерото. свс/сп/