• четврток, 26 декември 2024

Книгата „Гравитација“ на Емилија Тодорова добитник на наградата „Стојан Христов“

Книгата „Гравитација“ на Емилија Тодорова добитник на наградата „Стојан Христов“

Скопје, 27 август 2022 (МИА) - Книгата „Гравитација“ на поетесата Емилија Тодорова ја доби наградата „Стојан Христов“ за 2022 година на „Струшките вечери на поезијата“.

Збирката на Тодорова победи во конкуренција на „На каучот на Зигмунд Фројд“ на Јулијана Младеновска од Хрватска, „Песни“ на Јосиф Грежловски - Гандедо од САД и „Позлатено распетие“ на Ивица Челиковиќ од Шведска.

Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Митко Гогов, Елена Пренџова и Бранко Цветкоски.

- Поезијата на Емилија Тодорова е во духот на современоста, односно кореспондира со духот на времето на кое припаѓа поетесата. Очигледно станува збор за веќе созреана поетска натура, која повеќе го слуша диктатот на можната уверлива естетика на песната, заокружена и ефектна, отколку спонтанитетот и неодоливоста на емотивните ерупции и обопштувања. Песните во збирката „Гравитација“ се интимистичко-егзистенцијалистички, полни со контрасти и цврсти метафори, стиховите откриваат кроткост, но и бестрашност. Уверлива поетска структура која се препознава, е наведено во соопштението од тимот.

Директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, истакнува дека досега оваа награда е доделена на 12 иселеници кои творат и живеат надвор од државата.

- Емилија Тодорова нѐ враќа назад кон семејните вредности, кон вредностите на општеството и на семејството. Ја охрабрувам и понатаму да твори за да оставиме нешто убаво на идните поколенија, вели тој.

„Гравитација“ е во издание на Агенцијата за иселеништво. Eмилија Тодорова е родена во Скопје, а од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. свс/вг/

Остани поврзан