• вторник, 24 декември 2024

Клучни делови од обвинението против Трамп

Клучни делови од обвинението против Трамп

Њујорк, 4 април 2023 (МИА) – Обвинителот Алвин Брег денеска му го почита обвинителниот акт на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во кое го обвинува по 34 точки, меѓу кои и дека и платил пари на порно ѕвездата Сторми Даниелс за нејзиниот молк за нивниот  однос пред неговата кандидатура на претседателските избори во 2016 година.

Поранешниот претседател Трамп пред судот се изјасни за невин.

Според целото обвинение, обвинителството го гони Трамп дека е дел од нелегален заговор за поткопување на интегритетот на изборите во 2016 година. Трамп е обвинет за фалсификување деловни досиеја за да ги прикрие нелегалните плаќања на жени, кои тврделе дека со нив имал вонбрачни афери.

Обвинителите тврдат дека Трамп стои зад незаконската шема за заташкување на негативните информации, вклучувајќи и незаконско плаќање од 130.000 долари што тој го наредил за да се приктијат негативните информации што би ѝ наштетиле на неговата кампања.

Незаконската исплата, како што се тврди, изнесувала 130.000 долари. Таа исплата беше договорена во име на Трамп со Даниелс од неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кому Трамп му наложил да го одложи што е можно повеќе. „Тој му наложи на (Коен) да се обиде да ја одложи исплатата до по изборите за евентуално целосно да го избегне плаќањето, во случај да е ирелевантно дали приказната ќе стане јавна“, се наведува во обвинението.

Плаќањата оделе кон  Коен, а некои директно од сметката на Трамп, соопштија обвинителите. Се тврди дека овие плаќања биле маскирани како адвокатски такси.

„Секој чек беше обработен од Организацијата Трамп и секој беше маскиран како плаќање за правни услуги дадени во одреден месец во 2017 година“, се наведува во извештајот. Евиденцијата што ја води Организацијата Трамп, како што се тврди, била фалсификувана.

Коен се изјасни за виновен за девет федерални кривични дела, вклучително и даночна измама, лажење на Конгресот и кршење на правилата за финансирање на кампањата, за помагање да се исплатат две жени кои се заканија дека ќе излезат во јавност со наводните афери со Трамп непосредно пред изборите во 2016 година. Трамп ги негираше аферите.

Истражителите тврдат дека за да ги прикрие незаконските плаќања, Трамп фалсификувал деловни книги и додаваат дека неговиот мотив за извршување на кривичното дело фалсификување деловни книги бил делумно „промовирање на неговата кандидатура“.

Секоја од 34-те точки од обвинението против Трамп се однесува на конкретен запис во деловните книги на Организацијата Трамп, се наведува во обвинението.

Во обвинението се наведува и дека двајца субјекти вклучени во измамата „признале дека сториле незаконски дејствија во врска со измамата“.

По објавувањето на обвинението, дел од адвокатите коментираа дека е прилично слабо и може да се отфрли. Тие два ентитета се веќе споменатиот поранешен адвокат на Трамп, Мајкл Коен, и American Media Inc., сопственик на таблоидот National Enquirer.

Поточно, се вели дека АМИ признала дека го платила изворот на приказната за да се осигура дека изворот „не објавил штетни наводи“ за Трамп „пред изборите во 2016 година и со тоа да влијае на тие избори“. Сд/

Остани поврзан