• сабота, 23 ноември 2024

Клуге: Пандемијата не е завршена, подготовките за есен се приоритет

Клуге: Пандемијата не е завршена, подготовките за есен се приоритет
Копенхаген, 18 јуни 2020 (МИА) - Иако со мерките за изолација и физичка дистанца се доби време за борба против пандемијата на коронавирус, таа сè уште не е завршена, а подготовките за евентуален нов удар на есен сега се приоритет на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, изјави денеска шефот на канцеларијата, Ханс Клуге. Според него, можностите за подобрување на подготвеноста за таа борба, таму каде што постојат, мора да се искористат. Клуге рече дека трагичниот биланс на пандемијата во светот изнесува речиси половина милион смртни случаи и дека бројот на потврдени случаи надминал осум милиони, додека европскиот регион сочинува 31 процент од вкупниот број случаи и 43 проценти од смртните случаи. - По неколкунеделното опаѓање на бројот на заразени случаи во некои земји, просечниот број нови случаи низ европскиот регион сега се стабилизира на околу 17.000 до 20.000 дневно, но во текот на изминатиот месец бројот на земји со значително зголемување на кумулативната инциденца беше повеќе од тројно - од шест на 21 земја, рече Клуге. Бидејќи коронавирусот е сè уште активен во многу земји, тој смета дека од клучно значење е да продолжи обновувањето на нормалниот живот по изолацијата. - Исто така, многу е важно надлежните да вложат максимум во воспоставување агресивен систем за набљудување на тестирањата, следење на заразените и пронаоѓање на нивните контакти со цел да се избегнат скапи дополнителни мерки за изолација во случај на повторен напад на вирусот, рече Клуге. Тој истакна дека рестриктивните мерки мора да бидат укинати со претпазливост, а ризикот за сите држави останува голем. Притоа, предупреди дека обезбедувањето здравствени услуги наменети за борба против други болести, вклучително и вакцинацијата, е нарушено во многу земји во европскиот регион. - Благодарение на новите сознанија кои ги добиваме од ден на ден, се приближуваме кон ефикасни начини на лекување и вакцини против Ковид-19, рече Клуге, потсетувајќи на резултатите од студијата објавена вчера која покажа дека ниски дози на стероиди дексаметазон ја намалуваат смртноста од вирусот за една третина кај тешки пациенти. Тој предупреди дека, како дополнителен товар за здравствените системи, сезоната на грип ќе следи по крајот на летото, и дека само една третина од населението постари од 65 години ја примиле вакцината против таа болест. паг/  

Остани поврзан