• среда, 25 декември 2024

Клиничките центри остануваат руинирани - ребалансот предвидува тројно намален буџет

Клиничките центри остануваат руинирани - ребалансот предвидува тројно намален буџет

Скопје, 23 јули 2024

Новата влада предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ на самиот старт ја обезвредни здравствената дејност! Трикратно намалување на буџетските средства за изградба на државните Клинички центри и болници низ Македонија со новиот ребаланс на буџетот. Од прв ден докажа дека нема цели и соодветни приоритети за зајакнување на капацитетите на јавното здравство, како и унапредување на пристапот до здравствена заштита како важен елемент во еден државен систем.

Имено, предвидено е трикратно намалување на средствата за доизградбата на Клиничкиот центар во Штип, како и за нов Клинички центар во Скопје, иако во предизборната кампања, ДПМНЕ како приоритет на новата Влада ја промовираше доградбата на Клинички центар во Штип и изградба на нов Клинички центар во Скопје.

Средствата за доизградба на Клиничкиот центар во Штип и нов Клинички центар во Скопје се намалени од 2,5 милиони евра на само 880 илјади евра;

Од 2 милиони евра, намалување на 780 илјади евра има и за Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ - Охрид и Клиниката за хирургија во Скопје;

Од 800 илјади евра, сега само 29 илјади евра има и за ЈЗУ Општа болница во Кичево.

Политиката на кратење на средства од јавното здравство укажува на фактот дека намерата на новата власт е да продолжи со руинирање на јавното здравство. Продолжува политиката на Венко Филипче и Фатмир Меџити кои на штета на јавното здравство граѓаните ги фрлија во канџите на приватните болници, коишто своите услуги ги наплаќаат десеткратно повисоко во однос на државните болници.

Министерот за здравство, Таравари, на прес конференција децидно посочи дека нема покачување на платите за здравствените работници до крајот на годинава поради буџетскиот дефицит. Но за огромниот број на работници во јавниот сектор, oд кои голем дел не се појавуваат на работното место, власта одвои 723 милиони евра.

Левица ја осудува оваа неразумна одлука за измена на висината на буџетските средства насочени кон јавното здравство.

Како партија се залагаме за зголемени инвестиции во сите сегменти на јавното здравство. Држава мора да изнајде механизми, средства и решенија со кои на најголемиот дел од граѓаните во Македонија ќе им биде достапно бесплатно јавно здравство со врвни професионални здравствени услуги, почнувајќи од здравствените домови, па се до клиничките центри!
 
Левица

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МИА архива
 
 
 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан