• сабота, 23 ноември 2024

Клинаку: Рамадани побегна од домашен притвор затоа што македонските власти сакаат да го екстрaдираат во Србија

Клинаку: Рамадани побегна од домашен притвор затоа што македонските власти сакаат да го екстрaдираат во Србија

Приштина, 15 август 2024 (МИА) - Вршителот на должноста претседател на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК), Фатон Клинаку изјави дека поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамдани денеска избегал од домашен притвор во Северна Македонија, откако, според него, македонските правосудни органи одлучиле да го вратат во притвор со цел да го екстрадираат во Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Клинаку на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека новата коалициона влада во Северна Македонија, во чие формирање, како што вели, помогнал и косовскиот премиер Албин Курти, ги прогонува воените ветерани на ОВК.

Тој се закани дека „доколку продолжи ваквата политика на прогон на Албанците... за секоја ескалација на ситуацијата“ ќе одговараат Курти и, како што се изрази, „вештачката македонска држава“.

-Откако решија да го вратат во притвор од домашен притвор со цел екстрадиција во Србија, Блерим Рамадани побегна и многу добро направи. Вештачката македонска држава против него распиша потерница бидејќи сака да ги извршува наредбите на (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ. Оваа власт која дојде во Македонија, на која за жал ѝ помогна Курти во име на промените, ги прогонува воените ветерани на ОВК. Но, нека разберат дека доколку продолжи ваквата политика на прогон на Албанците, тие ќе одговараат за секоја ескалација на ситуацијата, напиша Клинаку.

Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен во јули на граничниот премин Јажинца. Налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ за време на посетата на граничниот премин Табановце на 25 јули побара од македонските власти да го екстрадираат Рамадани на Србија. Прашањето за неговата екстрадиција беше отворено и при посетата на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на Скопје на 31 јули. Свечља рече дека Скопје треба да одлучува самостојно, обвинувајќи ја Србија дека има тенденција да ги расипува односите меѓу државите од Западен Балкан.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидува тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. 

На 9 август Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да не го екстрадира Рамадани, со тоа што му беше наложено да остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Медиумите во Приштина потсетуваат дека Рамадани е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени. иа/ац/

Остани поврзан