• четврток, 26 декември 2024

КИФ бара од Брисел итна одлука за интегрирање на Западен Балкан во единствениот европски пазар

КИФ бара од Брисел итна одлука за интегрирање на Западен Балкан во единствениот европски пазар

Приштина, 6 јуни 2023 (МИА) - Брисел итно да донесе одлука со која на Западен Балкан ќе му овозможи да стане дел од единствениот европски пазар. Нема причина тоа да не се случи веднаш или многу брзо, догодина или најдоцна за две години. Предолго сме во овој процес, Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора. Нашите економии веќе ги применија стандардите кои беа важни за функционирање на стопанствата. Целиот процес засега стои. Во меѓувреме, бизнисот трпи, не може да биде конкурентен наспроти оној од европските земји. Така ги губи и можностите и приликите.

Ова е пораката што денеска од Приштина ја испратија членките на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) до Европската Унија. Според нив, парадоксално е тоа што ЕУ се уште го остава Западен Балкан на страна.  

Како што јави известувачот на МИА, претставниците на бизнисот, собрани по повод завршувањето на проектот „Поддршка од ЕУ за КИФ ЗБ6“, се обратија и до политичарите, укажувајќи уште еднаш колку е важен приватниот сектор зашто тој, како што беше нагласено, плаќа даноци, гради патишта и креира работни места.  

-Наместо да чекаме политичарите од регионот да успеат да ја видат пошироката визија дека без соработка во Западен Балкан нема ни Европска Унија и да почнат да работат на спроведување на се што е зацртано во Заедничкиот регионален пазар, наместо да чекаме да видиме што ќе се случи во интеграциските процеси на шесте држави во ЕУ, наместо да чекаме некоја спогодба да се ратификува или некои преговори да завршат, ние цело ова време директно работевме со компаниите и испорачавме десетици услуги кои корист им носат директно нив - и што е најважно, тоа го спроведувавме за цел регион заеднички, е ставот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески кој, иако најавен, не беше во можност да присуствува на завршната конференција.

Претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж беше дециден дека економијата денес е глобална и дека воопшто не е иста со онаа од пред пет или десет години и тоа, нагласи, мора да се земе предвид. Регионот, оцени Чадеж, има огромен потенцијал.

-Потребна е одлука од Брисел. Нема друг начин да се преживее и тоа е нашата порака од тука, од бизнисот на Западен Балкан. Ние не можеме веќе да работиме со инструментите и алатите кои се на располагање од пред 30 години и кои се креирани за еден свет што веќе не постои, рече Чадеж. 

Нашата цел е, дополни, да ги убедиме што побрзо ЕУ и нејзините земји-члнеки дека овој регион мора да биде дел од европскиот пазар и дека мора да ги ужива четирите слободи (слободен проток на стоки, услуги, луѓе и капитал).

-Тоа треба да се случи веднаш за луѓето тука да успеат. Во моментов, целиот процес стои. Кога имате договорен однос со ЕУ можете да се движите слободно, капиталот се движи слободно, нема граници, а и дел сте од единствениот пазар што значи дека работите под сосема исти услови како и вашите колеги од Братислава или други градови. Сега плаќате многу повеќе само за документација, само за администрација, а вашите колеги ваши многу помалку и како можеме да бидеме конкурентни? Не можеме. И Европа, се надевам, конечно сфаќа, дека Западен Балкан не е регион на проблеми и несреќи, кој треба да се влече, за онака, да им се најде. Не, овој регион има потенцијал како ниту еден друг во Европа. Европа денес увезува 98 отсто од сите ретки метали што и се потребни за новите зелени индустрии, соларни технологии, батерии, електрични возила од Кина, а тука во регионот има не само резерви, туку и рудници кои функционираат, како и преработувачи за никел, кобалт, литиум, графит, калцит,...,  Исега замислете, ние треба нешто да докажуваме. Не, ние сме дел и сакаме да бидеме дел од европскиот конструкт, а не да бидеме некој што ќе го примите од милост, подвлече претседателот на српската Стопанска комора.

Тој директно посочи дека сега е неопходна одлуката на Брисел.

-Парадоксално е што ЕУ се уште го остава Западен Балкан на страна. Не живееме веќе во оној свет од пред пет години, сега е време на глобализација. Ги губиме можностите и приликите. Затоа, единствената порака од тука би била Западен Балкан да стане дел од европските структури што побрзо, догодина или најдоцна за две години, да биде дел од единствениот европски пазар. Тоа за нашите фирми и луѓе ќе значи дека ги уживаат слободите како и сите граѓани од ЕУ, а ние во меѓувреме ќе продолжиме да работиме за да станеме рамноправни членки на Унијата. ЕУ е таа што може да го реши проблемот. Многу е лесно да се каже „седнете заедно и разговарајте, преговарајте нешто и ние ќе дојдеме. Но, не функционира тоа баш така. Работите се поинакви. Сегашната економија на Европа, не би рекол дека е приказна што може да создаде иднина, истакна Чадеж. 

Целта на завршната конференција е да се истакнат достигнувањата на проектот во кој заеднички учествуваа сите стопански комори - членки на КИФ. Резултатите ќе ги презентираат претседателите на коморите, членови на Управниот одбор на КИФ и компании. Конференцијата е организирана во два панела, едниот за позитивното влијание на европската поддршка за КИФ, а вториот е за придобивките од проектот „Поддршка од ЕУ за КИФ ЗБ6“.

На конференцијата се присутни претседателите на стопанските комори на Србија и Косово, Марко Чадеж и Лулзим Рафуна, претседателот на Сојузот на стопански и индустриски комори на Албанија Инес Муцостепа, потпретседателот на Стопанската комора на Црна Гора Никола Вујовиќ, како и заменик-генералниот секретар на надворешната трговска комора на БиХ Мирко Бошковиќ.  

Конференцијата ќе биде заокружена со излагање на генералниот секретар на КИФ, Татјана Штерјова Душковска.

Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ ЗБ6) е асоцијација на стопанските комори од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, која воспостави платформа за соработка во 2017 година. Целта е да се обезбеди заеднички глас на бизнис заедницата во регионот, да се олеснат деловните контакти меѓу компаниите и да се промовира регионот како единствена инвестициска дестинација. мч/лв/

фото: МИА

  

 

Остани поврзан