• сабота, 28 декември 2024

Кисинџер се уште активен, во Кина се сретна со министерот за одбрана

Кисинџер се уште активен, во Кина се сретна со министерот за одбрана

Пекинг, 18 јули 2023 (МИА) - САД треба да дејствуваат разумно и стратешки во односите со Кина, изјави кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу на средбата со ветеранот американски дипломат Хенри Кисинџер во Пекинг. 

Кина е посветена на градење стабилни, предвидливи и конструктивни кинеско-американски односи и се надева дека САД ќе соработуваат со неа во промовирањето на здравиот развој на врските меѓу војските на двете земји, рече Ли, цитиран од Министерството за одбрана. 

Ли ги даде забелешките по неодамнешните посети на Кина од страна на високи американски функционери, вклучително и државниот секретар Ентони Блинкен и министерката за финансии Џенет Јелен, со цел да се намалат тензиите меѓу двете суперсили. 

Разговорите доаѓаат во време кога одбранбениот дијалог на високо ниво на Кина и САД е се уште замрзнат, а воените распоредувања се интензивираат низ Источна Азија. 

Министерот на средбата со Кисинџер рече дека „некои луѓе од американската страна не успеале да се движат во иста насока како кинеската страна, што резултирало со тоа што односите меѓу Кина и САД останале на ниско ниво“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за одбрана, кои додааат дека Пекинг „отсекогаш бил посветен на градење стабилни, предвидливи и конструктивни кинеско-американски односи“. 

– САД и Кина треба да ги отстранат недоразбирањата, да коегзистираат мирно и да избегнуваат конфликти. Историјата и практиката постојано докажаа дека ниту САД ниту Кина не можат да си дозволат да ја третираат другата страна како ривал, рече тој. 

Кисинџер беше американски државен секретар и советник за национална безбедност во администрациите на претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд. Тој одигра клучна дипломатска улога во нормализирањето на односите меѓу Вашингтон и Пекинг во 1970-те. паг/

Остани поврзан