• четврток, 05 март 2026

Кипар располага со 2.500 засолништа што покриваат 40-45 отсто од населението

Кипар располага со 2.500 засолништа што покриваат 40-45 отсто од населението

Никозија, 2 март 2026 (МИА) – Постојат околу 2.500 засолништа за граѓаните низ цел Кипар, што одговара на околу 40-45 отсто покриеност на населението, информираа денеска управителката на цивилната одбрана на Кипар Марија Папа и министерот за внатрешни работи на Кипар Константинос Јоану, кои нагласија дека се преземени сите соодветни мерки и активирани се процедурите врз основа на информациите од Националната гарда и Одделот на британските бази преку кипарското МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Папа објасни дека во случај на опасност граѓаните ќе бидат информирани или преку сирените што можат да се активираат локално или преку средствата за јавно информирање или преку други достапни канали.

Министерот за внатрешни работи рече дека засолништата не се доволни за целото население, но објасни дека покриеноста од 30 отсто за две години се зголемила на 45 проценти.

Паралелно, според Министерството за внатрешни работи на Кипар, во текот на денешниот ден продолжува евакуацијата на населението од Акротири што е во непосредна близина на британските бази.

Британските воени бази неколку минути по полноќ беа нападнати од дрон, додека пак кипарските медиуми попладнево објавија дека генералот на Иранската револуционерна гарда, Сардар Џабари, порачал дека нападите врз Кипар ќе бидат поинтензивни од претходно, со лансирање ракети бидејќи, како што рекол, Американците ги пренеле на Кипар повеќето од своите авиони.

Околу британските бази на Кипар, портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис изрази незадоволство затоа што имало уверување дека во никој случај нема да се користат за никаква друга причина освен хуманитарна.

- Ќе бидат преземени сите потребни дипломатски чекори и контакти за да го изразиме нашето незадоволство, како во однос на начинот на кој беше соопштена оваа порака, така и – дозволете ми да нагласам – поради фактот што вчера немаше навремено предупредување за државјаните на Република Кипар кои живеат во близина на базите во Акротири, рече Летибиотис. ср/рп/

Остани поврзан