• недела, 28 јули 2024

Кипар превентивно го активираше планот за репатријација на странски државјани, Христодулис одржа вонреден состанок

Кипар превентивно го активираше планот за репатријација на странски државјани, Христодулис одржа вонреден состанок

Никозија, 14 април 2024 (МИА) – Република Кипар од петокот превентивно го активираше националниот план „Естиа“ за прием, евакуација и репатријација на странски државјани од кризни подрачја преку нејзина територија, а вчера во Ларнака пристигнале четири авиони со 704 патници чија крајна дестинација биле Либан и Јордан, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од кипарското МНР, поради затворањето на јорданскиот и либанскиот воздушен простор, авионите слетале на Кипар, два од нив утрово полетале за Бејрут, додека еден од двата лета за Јордан ќе полета за Аман попладнево.

- Министерството за надворешни работи ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата и да ги презема сите неопходни активности, соопштија од кипарското МНР.

Паралелно преку „Х“ го осудија иранскиот напад врз Израел, шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос порача дека нивниот став е јасен дека „сè што може да доведе до разгорување и продолжување на кризата мора да се избегне“, додека пак претседателот на Кипар Никос Христодулидис утрово одржа вонреден состанок на Советот за национална безбедност.

- Ситуацијата е многу тешка. Се надеваме и очекуваме да нема дополнително влошување. Влошување за кое сметаме дека не е во ничиј интерес. Во вакви тешки моменти, одлуките што треба да ги донесеме се тешки. Тешки одлуки, кои сепак се носат со единствен критериум како да ги гарантираме интересите на Република Кипар и на кипарскиот народ. Во овој контекст беше денешниот состанок. Ја разгледавме ситуацијата, ги видовме најновите информации во и вон Кипар, рече Христодулидис и објасни дека попладнево телефонски ќе разговара со претседателката на Европската комисија.

На прашањето дали постои веројатност земјата да биде мета поради операциите на Британците од базите во Кипар рече дека „Кипар апсолутно на никаков начин не е инволвиран во какви било напади или што било друго“, но и посочи дека не добиле претходно известување од Велика Британија, a министерот за надворешни работи на Кипар синоќа разговарал со шефот на британската дипломатија и бил информиран за ситуацијата.

Шефот на кипарската дипломатија, вчера, како што објави МИА, за време на учеството на Делфи форумот во Грција, изрази загриженост дека можниот напад на Иран врз Израел би имало последици и за Кипар и за поширокиот регион, особено поради тоа што таквата ситуација би можела да донесе и мигрантски бранови. ср/паг/

Остани поврзан