• сабота, 23 ноември 2024

Кипар од понеделник со поедноставни протоколи за патување

Кипар од понеделник со поедноставни протоколи за патување

Никозија, 15 април 2022 (МИА) - Досегашната пракса за задолжително пополнување електронска форма за лоцирање на патници (Cyprus Flight Pass) непосредно пред патувањето и категоризација на земјите согласно епидемиолошката слика, од понеделник се укинуваат на Кипар, со што ќе биде полесно патувањето на островот, јави дописничката на МИА од Атина.

Влез ќе биде дозволен за сите кои имаат валиден европски сертификат за вакцинација или прележана болест или негативен резултат од ПЦР/рапид тест, а конкретните правила важат и за државјаните на Северна Македонија.

Правилата за сертификатите се идентични како и во Европската унија, сертификатот за вакцинација не смее да биде постар од девет месеци по примената втора доза и без ограничувања со примена бустер доза, за прележан Ковид-19 важи 180 дена, а доколку се патува со негативен резултат, ПЦР тестот треба да биде до 72 часа, а рапид тестот до 24 часа пред патувањето.

Туристите кои ги имаат потребните документи, нема да бидат тестирани при пристигнувањето, меѓутоа можно е на аеродромите да се прават тестирања по случаен избор.

Од надлежното Министерство за туризам на Кипар преку соопштение им се заблагодарија на нивните „верни гости кои го претворија Кипар во една од најпопуларните европски дестинации за одмор за 2021 година“ и додадоа дека и оваа година ги очекуваат туристите.

Од почетокот на пандемијата, Кипар следеше строги протоколи за туристите, за секоја земја постоеја различни правила за патување, со оглед на тоа дека државите беа поделени во неколку категории во зависност од нивната епидемиолошка ситуација, задолжителен беше електронскиот формулар, а од понеделник, правилата ќе бидат поедноставни и ќе важат за сите. ср/паг/

Остани поврзан