Кипарското прашање и претстојниот Висок совет за соработка Грција – Турција во фокусот на телефонскиот разговор Мицотакис – Христодулидис
- Последните случувања во кипарското прашање, како и претстојниот Висок совет за соработка меѓу Грција и Турција и средбата на грчкиот премиер со турскиот претседател в среда, биле темите за кои телефонски разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и кипарскиот претседател Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 9 февруари 2026 (МИА) – Последните случувања во кипарското прашање, како и претстојниот Висок совет за соработка меѓу Грција и Турција и средбата на грчкиот премиер со турскиот претседател в среда, биле темите за кои телефонски разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и кипарскиот претседател Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.
- За време на разговорот, премиерот го информираше Христодулидис за неговата претстојна посета на Анкара и средбата со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Беа разгледани и последните случувања во кипарското прашање, во рамките на напорите што се вложуваат за повторно започнување на преговорите во рамката утврдена со резолуциите на Советот за безбедност на ОН, а беше потврдена и континуираната координација меѓу Атина и Никозија, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер.
Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис во писмената изјава информираше дека телефонскиот разговор бил во „рамките на континуираната координација меѓу Никозија и Атина за повторно започнување на суштински преговори за кипарското прашање од точката на која беа прекинати во Кран-Монтана, како и за одржување на регионалната стабилност“.
Посочи дека за време на разговорот „беа разменети мислења и оценета состојбата во пресрет на претстојната средба на грчкиот премиер со претседателот на Турција во Анкара“, додека пак за кипарското прашање биле разгледани последните случувања.
- Беше потврден заедничкиот пристап на Кипар и Грција во однос на потребата од продолжување на напорите за повторно активирање на преговарачкиот процес од точката на кога беше прекинат, со цел постигнување одржливо и функционално решение, со целосно почитување на меѓународното право и европското законодавство. Претседателот на државата и грчкиот премиер се согласија да продолжат со тесната соработка и редовниот координациски механизам на сите нивоа, со цел секој дипломатски контакт и иницијатива да ги зајакнува целокупните напори за напредок во кипарското прашање, соопшти Летибиотис. ср/рп/
Фото: МИА архива