• среда, 25 декември 2024

Кипарскиот претседател соопшти мерки во висина од 50 милиони евра за справување со демографскиот проблем

Кипарскиот претседател соопшти мерки во висина од 50 милиони евра за справување со демографскиот проблем

Никозија, 5 ноември 2024 (МИА) – Зголемување на породилниот додаток; месечна финансиска поддршка од 200 евра во траење од две години за мајките кои своето прво дете ќе го добијат пред 30-годишна возраст; поповолни услови за корисниците на додатокот за родителско отсуство; пилотско воведување на проширено попладневно работно време на градинките до 19:30 часот, се дел од мерките за справување со демографското прашање што ги соопшти кипарскиот претседател Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во неговата телевизиска порака до граѓаните Христодулидис нагласи дека станува збор за втор пакет-мерки што е во висина од 50 милиони евра.

Рече демографската состојба во земјата е алармантна, објаснувајќи дека „во изминатите 20 години, просечната стапка на раѓање по жена е намалена, просечната возраст на мајките кои раѓаат прво дете е зголемена, а зголемен е и просечниот животен век“.

-Како Влада, демографското закрепнување на нашата земја го поставуваме како највисок национален приоритет и во оваа насока усвоивме севкупна политичка рамка со конкретни демографски цели. Во исто време, имплементацијата на севкупната демографска политика има за цел поддршка на родителите, зајакнување на младите за навремена интеграција на пазарот на трудот и зајакнување на постарите за да останат активни на пазарот на трудот. Политичката рамка за демографско закрепнување се состои од три пакет-мерки со финансиски трошоци што надминуваат 100 милиони евра, рече Христодулидис. 

Посочи дека првиот пакет веќе се имплементира, односно зголемено е времетраењето на породилното отсуство за првото дете од 18 на 22 седмици, одобрен е планот за субвенционирање на станови за млади парови до 41 година, зголемен е детскиот додаток итн.

Дополнително, истакна дека третиот пакет-мерки за демографскиот проблем „ќе биде поврзан со големите реформи на даночниот и пензискиот систем, како и со проширувањето на иницијативата за целодневно настава во сите основни училишта“. ср/

Остани поврзан