• сабота, 23 ноември 2024

Кинотека во јули со фокус на македонскиот игран филм

Кинотека во јули со фокус на македонскиот игран филм

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Кинотеката на Северна Македонија соопшти дека во месец јули ќе бидат прикажани остварувања од нашата национална кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација.

Како што најавија, ќе биде прикажан филмот „Жед“ на филмскиот и театарски режисер Димитрие Османли. Станува збор за втор долгометражен игран филм во продукција на Филмско студио – Скопје и на дистрибутерската куќа „Македонија филм“.

Меѓу другото, во Кинотеката во јули ќе се одржи и проекција на „Волчја ноќ“ во режија на Франце Штиглиц и според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски. Токму ова остварување е вториот гран филм во историјата на седмата уметност кај нас.

Во рамките на месечнава понуда, на летната кино сцена „Мирно лето“, ќе се прикажат и современите остварувања како фестивалскиот миленик „Исцелител“, „Домаќинство за почетници“, „Ругање со Христа“, „Бал-кан-кан“, „Скопје ремикс“.

Средината на овој месец е резервирана за содржините селектирани од филмскиот фестивал „Синедејс“.

Репертоарската понуда се заокружува со прикажувањето на филмските материјали кои се однесуваат на земјотресот што го зафати нашиот главен град во 1963-та, како и со промоцијата на „Македониум: Драматургија на недовршеното“. Тоа  е колаборативен филм на режисерката Теона Стругар Митевска и уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски, работен врз основа на истоимената книгата на Иваноска и Чаловски, која се фокусира на приказната за „Македониум“, најистакнатиот меморијален комплекс изграден во социјалистичка Македонија.

-Токму оваа месечна понуда покажува дека нашата кинематографија и тоа како има значајни дела, наслови кои предизвикуваат своевиден земјотрес, на емоции, на впечатоци. Пред сè, тие претставуваат извор на инспирација за помладите, а благопријатен флешбек за постарите кино-проследувачи, се вели во соопштението на Кинотека. бт/дма/

Фото: Кинотека

Остани поврзан